ВЕНЕЦУЕЛА ГИ ОБВИНИ САД ЗА ПИРАТСТВО ПО ЗАПЛЕНУВАЊЕТО НА ТАНКЕР, ТРАМП КАЖА ДЕКА ЌЕ ЈА ЗАДРЖАТ НАФТАТА

    ВЕНЕЦУЕЛА ГИ ОБВИНИ САД ЗА ПИРАТСТВО ПО ЗАПЛЕНУВАЊЕТО НА ТАНКЕР, ТРАМП КАЖА ДЕКА ЌЕ ЈА ЗАДРЖАТ НАФТАТАСАД кажаа дека танкерот служел за превоз на санкционирана нафта од Венецуела и Иран (Фото: Пентагон)

    Венецуелската влада ги обвини САД за кражба и пиратство откако американските сили запленија танкер под санкции покрај брегот на Венецуела. Таа рече дека ќе ги брани своите сувереност, природни ресурси и национално достоинство со апсолутна решителност и дека ќе го осуди запленувањето на танкерот пред меѓународните тела.

    Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо ги нарече САД „убијци, крадци, пирати“ и се осврна на филмот „Пиратите од Карибите“.

    Главниот лик во тој филм Џек Спероу е херој, а овие типови се криминалци на отворено море, пирати“, кажа Кабељо.

    Доналд Трамп синоќа ја потврди акцијата, велејќи дека „САД заплениле многу голем танкер, најголем досега“. Јавната обвинителка на САД, Пем Бонди, кажа дека танкерот служел за превоз на санкционирана нафта од Венецуела и Иран, додавајќи дека ова била заедничка акција на ФБИ, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешна безбедност и на Крајбрежната стража.

    Ова е меѓународно пиратство. Венецуела никогаш нема да стане нафтена колонија“, изјави претседателот Николас Мадуро.

    Запрашан што ќе се случи со запленетата нафта, Трамп одговори:

    Мислам дека ќе ја задржиме“.

    Снимките што ги сподели Бонди покажаа два воени хеликоптера како лебдат над голем брод, а војниците се спуштаат на палубата со јажиња. На снимката се гледаат униформирани мажи како се движат по бродот со оружје во рацете. Висок воен функционер изјави дека хеликоптерите полетале од воениот брод „Џералд Форд“, кој беше испратен во Карибите минатиот месец и дека во акцијата учествувале десет маринци, десет припадници на Крајбрежната стража и специјални сили. Ова е првпат САД да запленат венецуелска нафта откако ги воведоа санкциите во 2019.

    Компанијата за поморски ризици „Вангард“ го идентификуваше бродот како „Скипер“, за кој кажа дека долго време ја „лажирал“ својата позиција. Министерството за финансии на САД го стави „Скипер“ под санкции во 2022 за наводна вмешаност во шверц на нафта што генерирал приходи за Хезболах и Исламската револуционерна гарда. Владата на Трамп не објави каде точно се случило запленувањето.

    Вашингтон ја обвинува Венецуела за внесување наркотици во САД и ги интензивираше своите напори за изолирање на претседателот Мадуро во последните месеци. Венецуела, која е дом на некои од најголемите резерви на нафта во светот, ги обвини САД дека се обидуваат да ги украдат нејзините ресурси.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира