Претседатателот на Венецуела Николас Мадуро денеска попладне ќе се појави во судот во Њујорк, повеќе од два дена откако беше заробен во брзата акција на американските сили во Каракас. Тој ќе се соочи со обвиненија поврзани со дрога и оружје, вклучувајќи заговор за нарко-тероризам.
Неговата функција ја презеде потпретседателката Делси Родригес, на која Доналд Трамп ѝ се закани дека „ќе плати уште поголема цена од Мадуро ако не ја направи вистинската работа“. Родригес, која доби поддршка од врховниот суд и војската на Венецуела, зазеде помирлив тон кон САД во пресрет на нејзината денешна инаугурација.
„Ја повикуваме владата на САД на соработка со нас, ориентирани кон заеднички развој во рамките на меѓународното право“, кажа Родригес, која во саботата порача дека Мадуро е единствениот претседател.
Државниот секретар Марко Рубио вчера инсистираше дека САД не се во војна со Венецуела, туку против организациите за трговија со дрога.
„Ако Родригес не го направи она што е исправно, ќе плати многу висока цена, веројатно поголема од Мадуро. Промената на режимот во Венецуела е подобра од она што го имаат во моментов. Не може да биде полошо“, рече Трамп.
Тој во саботата кажа дека САД ќе управуваат со Венецуела додека не се постигне безбедна и правилна транзиција и вети дека американските нафтени компании ќе влезат во земјата и „ќе почнат да заработуваат пари за неа“.
„Доколку Венецуела не донесе правилни одлуки, САД ќе преземат мерки за да обезбедат заштита на своите интереси. Тоа вклучува и карантин врз венецуелската нафта. Ќе судиме според тоа што ќе прават“, кажа Рубио.
Мадуро постојано негираше дека е водач на наркокартел и ги обвинуваше САД дека ја користат својата војна против дрогата како изговор да се обидат да го соборат од власт и да ја земат венецуелската нафта.



