Опозициската политичарка од Венецуела, Марија Корина Мачадо, ја доби Нобеловата награда за мир.
Норвешкиот Нобелов комитет ја истакна некогашната претседателска кандидатка на опозицијата како „клучна, обединувачка фигура во политичката опозиција која некогаш беше длабоко поделена, опозиција која најде заедничка основа во барањето слободни избори и претставничка влада“.
„Во изминатата година, Мачадо беше принудена да живее во тајност. И покрај сериозните закани по нејзиниот живот, таа остана во земјата, што инспирираше милиони. Мачадо повеќе од 20 години се бори за слободни и фер избори. Таа со години се бори за слобода“, рече претседателот на Нобеловиот комитет, Јерген Ватне Фриднес.
Во пресрет на објавата имаше постојани шпекулации за можноста наградата да ја добие Доналд Трамп, иако номинирањето за оваа година заврши уште во јануари, кога тој се врати во Белата куќа.
Мачадо е жестока критичарка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и симбол на отпорот и борбата за демократски промени. Таа беше избрана за единствен кандидат на опозицијата за ланските претседателски избори, но во јануари 2024 Врховниот суд на Венецуела ја исфрли од политиката на 15 години поради наводно учество во корупција.