Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека е малку веројатно оти решението за војната во Украина постигнато преку преговори ќе задоволи која било од страните и дека секој мировен договор најверојатно ќе ги остави и Москва и Киев „незадоволни“. Тој рече дека САД се стремат кон решение што двете земји можат да го прифатат.
„Тоа нема никого да го направи пресреќен. И Русите и Украинците, веројатно, на крајот на денот ќе бидат незадоволни од тоа“, изјави Венс во интервју за „Фокс Њуз“.
Неговата изјава следува откако американскиот претседател Доналд Трамп во петокот соопшти дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 15 август во Алјаска за да преговара за крај на војната во Украина.
Трамп рече дека Русија и Украина се блиску до договор за прекин на огнот што може да стави крај на три и пол годишниот конфликт, што можеби ќе бара од Украина да отстапи значајна територија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, сепак, во саботата рече дека Украина не може да го прекрши својот устав за територијални прашања, додавајќи дека „Украинците нема да им ја подарат својата земја на окупаторите“.
Во интервјуто за „Фокс Њуз“, снимено во петокот, Венс рече дека САД работат на закажување разговори меѓу Путин, Зеленски и Трамп, но дека не мисли оти би било продуктивно Путин да се сретне со Зеленски пред да разговара со Трамп.
„Сега сме во точка каде што се обидуваме да ги договориме распоредот и таквите работи, околу тоа кога овие тројца лидери би можеле да седнат и да разговараат за крај на овој конфликт“, рече тој.
Претставник на Белата куќа во саботата вечерта изјави дека Трамп е отворен за самит со двајцата лидери, но дека во моментов Белата куќа планира билатерална средба што ја побарал Путин.