Компанијата „Букинг.ком“ предупреди дека вештачка интелигенција предизвикува експлозија на измами со патувања. Нејзината директорка Марни Вилкинг изјави дека во изминатите 18 месеци бројот на измамите се зголемил за 500-900%.
Таа вели дека најчест проблем е фишингот, кога луѓето се измамени да ги остават деталите од своите платежни картички, што порасна со појавата на алатки како ЧетГПТ.
„Се разбира, фишингот постои уште од појавата на мејлот, но бројот на измамите нагло се зголеми откако беше лансиран ЧетГПТ. Измамниците дефинитивно користат вештачка интелигенција за да напаѓааат далеку подобро од она што сме го виделе досега“, вели Вилкинг.
Измамниците често напаѓаат сајтови како „Букинг“ и „Ербиенби“ зашто тие им овозможуваат на луѓето да ги наведат своите места за престој. Откако ќе им платат, измамниците исчезнуваат без трага или се обидуваат да ги измамат луѓето за уште пари преку нови пораки.
Вилкинг ги повика хотелите и патниците да користат двојна автентикација, како код испратен на телефон, сметајќи дека тоа е најдобриот начин на борба против фишингот и крадењето лични податоци.