Доналд Трамп кажа дека лекарите во САД ќе бидат советувани да не им го даваат лекот против болки „тиленол“ на бремените жени, поврзувајќи го со појавата на аутизам кај децата. Американскиот претседател тврди дека земањето парацетамол, што е главната состојка на „тиленолот“, не е добро и смета дека трудниците би требало да го земаат само во случај на многу силна треска.
Некои истражувања покажале дека има врска помеѓу бремените жени кои земаат „тиленол“ и аутизмот, но овие наоди се недоследни и неубедливи. Производителот на „тиленол“, „Кенвју“, ја бранеше употребата на лекот кај бремени жени.
„Независната, ригорозна наука јасно покажува дека земањето парацетамол не предизвикува аутизам. Ние не се согласуваме со каква било друга сугестија. Парацетамолот е најбезбедната опција за ублажување болка кај бремени жени. Без него, жените се соочуваат со опасен избор помеѓу страдање од состојби како треска и користење поризични алтернативи“, соопшти „Кенвју“.
Министерот за здравство Роберт Кенеди Џуниор рече дека Агенцијата за храна и лекови (ФДА) ќе издаде лекарско известување за „потенцијалниот ризик од земање ‘тиленол‘ за време на бременоста“. Тој додаде дека ФДА наскоро ќе одобри „леуковорин“, лек стар неколку децении што традиционално го користат пациентите со рак, да се употребува за третман на деца со аутизам. Шефот на ФДА, Марти Макари, изјави дека одобрението ќе се базира на истражување кое сугерира дека лекот може да им помогне на децата со аутизам кои имаат недостаток на фолна киселина да ја подобрат својата вербална комуникација.
Некои истражувања ги поврзаа ниските нивоа на фолна киселина за време на раната бременост со зголемен ризик од аутизам кај децата, иако наодите не се конзистентни.
Во април, Кенеди најави обемни тестирања и истражувања со цел да се открие причината за аутизмот во рок од пет месеци. Експертите предупредија дека тоа нема да биде едноставно, особено што аутизмот се истражува со децении и тие веруваат дека не постои само една причина.
Стапката на аутизмот во САД е во пораст. Околу едно од 31 дете било дијагностицирано со аутизам до осумгодишна возраст во 2022, во споредба со едно од 36 во 2020, според извештај на американскиот Центар за контрола и превенција на болести објавен во април. Има две главни причини за тоа: проширување на дефиницијата на аутизмот во 2013 и подобар скрининг на децата, особено бебињата.