Четириесет луѓе се уапсени и запленети се осум тони кокаин како резултат на четиригодишна меѓународна полициска операција против криминална мрежа која шверцувала огромни количини дрога од Јужна Америка во Европа преку Африка и Канарски Острови.
Истрагата водена од шпанската Цивилна гарда и координирана од Европол откри дека балкански картел користел логистички центри во западна Африка и на Канарите за да пренесува кокаин од Колумбија, Бразил и Еквадор во земјите од Европска Унија. Центрите за дистрибуција на дрогата во Европа биле во Белгија, Хрватска, Германија, Италија и Шпанија.
Европол кажа дека водачите на картелот привремено биле сместени во Турција и Дубаи.
„Оттаму, тие раководеле со операциите и со командните центри на оваа криминална мрежа“, кажа Европол.
Во операцијата учествувале полициите и агенциите на Бразил, Белгија, Хрватска, Германија, Италија, Србија, Шпанија, Турција и Обединетите Арапски Емирати. Истрагата почнала откако шпанската Цивилна гарда во 2020 пресретнала брод кој пловел под хрватско знаме. на кој бил пронајден еден тон кокаин.
„Во досега невидена операција растурени се западноафриканските логистички центри за дистрибуција на кокаинот низ Европа, запленети се речиси осум тони кокаин и над 15 милиони евра и замрзнати се над 50 милиони евра во Србија“, објави Цивилната гарда.