Тестовите со крв за коронавирус може да одиграат клучна улога при одлуката дали милиони Американци можат безбедно да се вратат на работа или на училиште, но здравствените работници предупредуваат дека „Дивиот запад“ на нерегулираните тестови предизвикува конфузија и тоа може и да го забави патот кон закрепнување од епидемијата.
Повеќе од 70 компании се пријавија да продаваат т.н. тестови за антитела изминативе недели, според регулаторните тела во САД. Владите ширум светот се надеваат дека брзите тестови, со земање крв од прст, може да помогнат за намалување на рестрикциите со тоа што ќе ги идентификуваат луѓето кои го имале вирусот и развиле некаков имунитет. Сепак, клучното прашање останува: Колку се точни тестовите, колку имунитет е потребен и колку долго ќе трае имунитетот.
Тестовите со крв се различни од тестовите со брисеви кои во моментов се користат да се дијагностицираат активни инфекции на КОВИД-19. Во тестовите со крв се бараат антитела кои телото ги произведува неколку дена или недели по борбата со инфекцијата. Истиот пристап се користи за ХИВ, хепатит и други болести.
Во моментов, ваквите тестови се повеќе корисни за истражувачите кои сакаат да утврдат како вирусот се раширил меѓу американската популација. Американската влада во петокот соопшти дека почнува со тестирање на 10.000 доброволци, но не откри поширок план и како би можеле да се користат резултатите.
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА), која треба да ги одобри тестовите, овојпат се откажа од проверки поради итноста на ситуацијата среде епидемија.
„Во моментов тоа е ‘див запад’. Навистина се создаде хаос и ќе треба време да се расчисти. Во меѓувреме, имаме многу компании кои рекламираат разни работи и никој не знае колку се добри“, вели Ерик Бленк од Асоцијацијата на јавни здравствени лаборатории.
Членови на асоцијацијата на Бленк побараа од ФДА да го преиспита нејзиниот однос кон тестовите. Според сегашната регулатива, компаниите само треба да наведат дека нивните тестови не се одобрени од ФДА и дека не можат со сигурност да отфрлат дека некој е сè уште инфициран.
И самиот комесар на ФДА Стивен Хан во интервју за „Ен-Би-Си“ кажа дека брзите тестовите што се продаваат можеби и не се толку прецизни како што би сакале да бидат.
Докторката Алисон Рејкман од Њујоршката јавна здравствена лабораторија кажа дека има голема опасност поради лошите тестови луѓето погрешно да заклучат дека се имуни или дека веќе не го шират вирусот.
„Во таква ситуација, некој ќе отиде дома и ќе ја бакне својата 90-годишна баба. Не смеете да им дадете на луѓето такво лажно чувство на сигурност“, вели докторката.
Дополнително, за КОВИД-19 сѐ уште не се знае со сигурност колкаво ниво на антитела е потребно за пациентот да има имунитет, ниту пак колку долго може да трае имунитетот.