ВО БЕЛГРАД НАТЕПАН ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА ДРАГАН ЃИЛАС

    ВО БЕЛГРАД НАТЕПАН ЛИДЕРОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА ДРАГАН ЃИЛАСЃилас бил превезен во болница, каде што било утврдено дека има повреди на главата и ногата

    Еден од лидерите на српската опозиција Драган Ѓилас бил претепан синоќа во Белград откако налетал на луѓе кои лепеле плакати против него. Во инцидентот настрадал и неговиот колега од Партијата на слободата и правдата (ССП), Ѓорѓе Алексиќ.

    Ѓилас бил превезен во болница, каде што било утврдено дека има повреди на главата и ногата. „Н1“ објави дека Алексиќ поминал уште полошо откако бил удиран во грбот и главата.

    „Водачот на тепачите бил Лука Петровиќ, висок функционер на Српската напредна партија и градски секретар за инвестиции“, напиша опозициската политичарка Мариника Тепиќ на Икс.

    Со денови низ Белград се појавуваат плакати на кои опозиционерите се претставени како лопови.

    „Таа група предводена од Лука Петровиќ нѐ нападна и нѐ удри повеќепати. Тоа не беше тепачка, ние двајца сигурно не дојдовме да се тепаме со нив десетмина. Дојдовме да го прашаме зошто ги лепат тие плакати, за кои со години тврдат дека не се нивни, а сега гледаме дека зад нив стојат Вучиќ и таа организирана криминална група. Петровиќ ми кажа дека сум лопов и затоа ги лепат плакатите, по што почнаа да нѐ удираат мене и Ѓорѓе“, изјави Ѓилас, претседателот на ССП.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира