Неколку рачно направени оружја и експлозивни средства се пронајдени во домот на 41-годишниот маж, кој денеска го застрела бившиот јапонски премиер Шинзо Абе на предизборен митинг, по што тој им подлегна на повредите. Атентаторот е именуван како Тецуја Јамагами, поранешен припадник на јапонските маринци, кој беше уапсен на местото на нападот во градот Нара.
Јамагами ѝ рекол на полицијата дека бил незадоволен од Абе, кој беше премиер од 2012 до 2020 и дека сакал да го убие.
„Јамагами призна дека го застрелал Абе со пиштол што го направил дома. Тој ѝ кажал на полицијата дека бил лут на одредени организации и дека Абе бил дел од една таква група. Призна дека пукал со намера да го убие бившиот премиер“, соопшти полицијата на Нара.
Абе двапати бил застрелан одзади, при што бил ранет во градите и вратот. Лекарите четири и пол часа се обидувале да му го спасат животот, но тој починал поради обилно крвавење.
Абе беше премиер со најдолг стаж во историјата на Јапонија и важеше за една од најмоќните политички фигури во земјата во последните неколку децении. Тој успеа да ја обнови јапонската економија, но и беше критикуван за неговиот ревизионистички став за улогата на земјата во Втората светска војна.