ВО ФРАНЦИЈА ИМ СЕ СУДИ НА ДЕСЕТМИНА МАЖИ ЗА ОНЛАЈН МАЛТРЕТИРАЊЕ НА БРИЖИТ МАКРОН, ШИРЕЛЕ ЛАЖНИ ТВРДЕЊА ЗА НЕЈЗИНИОТ ПОЛ

    ВО ФРАНЦИЈА ИМ СЕ СУДИ НА ДЕСЕТМИНА МАЖИ ЗА ОНЛАЈН МАЛТРЕТИРАЊЕ НА БРИЖИТ МАКРОН, ШИРЕЛЕ ЛАЖНИ ТВРДЕЊА ЗА НЕЈЗИНИОТ ПОЛБрижит Макрон долго време е мета на теории на заговор дека е трансродова жена (Фото: Гети)

    Во Париз им се суди на десетмина мажи обвинети за сексистичко онлајн малтретирање на првата дама на Франција, Брижит Макрон. Нејзината ќерка Тифен Озиер изјави дека ова негативно влијаело врз здравјето и животните услови на сопругата на Емануел Макрон.

    Таа сведочеше на вториот и последен ден од судскиот процес, на кој десетмина мажи се обвинети дека ширеле неосновани тврдења за полот и сексуалноста на Брижит Макрон. Седумдесет и двегодишната Макрон долго време е мета на теории на заговор дека е трансродова жена.

    „Важно е што сум денеска тука, сакав да опишам каков бил нејзиниот живот од моментот кога почнала да биде цел на овие напади. Забележав промена и влошување на здравјето кај неа откако почнале да се шират тврдења за нејзините пол и сексуалност. Таа морала да биде внимателна во изборот на облека и во држењето на телото зашто добро знаеше дека нејзиниот имиџ ќе биде искористен за да се поткрепат овие теории“, рече Озиер.

    Меѓу обвинетите се избран функционер, самопрогласена независна новинарка, интернет гатачка, сопственик на галерија и учител, објавија француските медиуми. Ако бидат прогласени за виновни, тие можат да добијат до две години затвор, иако обвинителите побараа условни казни од три до 12 месеци и парични казни до 8.000 евра.

    Неоснованите тврдења за полот на Брижит Макрон најдоа плодна почва и во САД, каде што најмногу ги ширеше десничарската инфлуенсерка Кендис Овенс. Макронови поднесоа тужба и против Овенс и рекоа дека ќе поднесат докази дека Брижит е биолошка жена.

    „Додека мајка ми научи да живее со овие лажни тврдења, страдаа нејзините внуци, кои беа исмевани во училиште. Таа не беше избрана, не барала ништо од никого, а се најде под таков напад“, кажа Озиер.

    Обвинетите кои сведочеа рекоа дека имале мала улога во ширењето на информациите, со оглед на тоа што немаат многу следбеници на социјалните мрежи. Тие кажаа дека не биле свесни дека прават штета.

    Тие сепак инсистираа дека претпоставката за идентитетот на Брижит Макрон и за природата на врската на двојката е легитимна бидејќи тие се јавни личности. Кажаа дека повеќето од нивните објави на социјалните мрежи биле споделувања на туѓи објави и требало да бидат саркастични.

    Емануел и Брижит Макрон се во брак од 2007, десет години пред тој да биде избран за претседател на Франција. Таа има три деца од првиот брак.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира