Единствената електрана во Газа остана без гориво, со што целата енклава остана без најголемиот извор на струја, откако Израел го прекина снабдувањето по воведувањето на целосна опсада. Палестинците долго време се потпираат на генератори за да обезбедат струја за домовите, болниците и канцелариите, но ниту за нив нема да можат да обезбедат гориво.
Израел ѝ вети досега невидена одмазда на милитантната група Хамас откако таа упадна во земјата во саботата, убивајќи стотици цивили во нивните домови и на музички фестивал. Тие и во меѓувреме продолжија да го ракетираат Израел, кој возврати со огромна жештина, уништувајќи цели згради и населби во 40 километри долгиот појас, кој е дом на 2,3 милиони Палестинци.
„Во Газа веќе нема безбедно место. Искрено се плашам за мојот живот“, изјави локалниот новинар Хасан Џабар, откако тројца негови колеги загинаа во бомбардирањата.
Потврдено е дека досега загинале најмалку 2.200 луѓе на двете страни.
Поради преголемиот број ранети, на болниците во Газа им снемуваат залихи на лекови, гориво и хируршка опрема.
„За три дена се потрошија залихите предвидени за три недели, затоа што одеднаш доаѓаат и по 50 пациенти. Најголемата болница во Газа има залихи на гориво само за уште три дена“, изјави Матијас Канес, шефот на мисијата на Светската здравствена организација во Газа.
Во еден од воздушните напади била погодена семејната куќа на Мохамед Деиф, лидерот на военото крило на Хамас, при што загинале неговите татко, брат и уште двајца роднини, кажаа од Хамас.
Израел мобилизираше 360.000 воени резервисти и се очекува да почне копнена офанзива во Газа, со цел да го собори Хамас, кој управува со енклавата од 2007.