На лекарите од странство кои сакаат да работат во Германија треба побрзо да им се признаат квалификациите, соопшти Германското лекарско здружение.
„Кај нив несомнено постои веројатност за долго чекање или одложување поради сложената процедура на признавање“, рече Елен Лундерсхаузен, потпретседателка на здружението.
Бројот на лекари во Германија без германско државјанство достигна нов рекорд од нешто помалку од 64.000 на крајот на минатата година. И покрај тоа, и натаму има голема побарувачка за лекари во многу региони.
Лундерсхаузен изјави дека сигурно може да се подобри соработката помеѓу различните институции за странски лекар да почне да работи во Германија.
„Главниот проблем е неопходноста од индивидуална проверка на еквивалентноста на медицинските студии спроведени во земјата на потекло на лекарот. Постапките за признавање траат долго ако документите не се целосни или проверката не е доволно брза“, рече таа.
Постои посебно тело за проценка со седиште во Бон, но неговата директорка Карола Дорфлер исто така призна дека проценката на еквивалентноста може да потрае шест, осум месеци, а во неколку случаи и до една година.