Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека досега се откриени повеќе од 400 случаи на воени злосторства во деловите на Херсон напуштени од руската војска. Тој кажа дека се пронајдени тела и на цивили и на војници.
„Во херсонскиот регион, руската војска ги остави зад себе истите злосторства како во другите делови од земјата каде што влезе“, кажа Зеленски.
Од почетокот на војната, масовни гробници се пронајдени во Буча, Изјум и Мариупол и Украина ги обвини руските сили дека се одговорни за овие злосторства.
Украинската војска во петокот влезе во Херсон откако околу 30.000 руски војници се повлекоа од западниот брег на Днепар. Во градот се воведени полициски час од 17 до осум часот и ограничувања за патување.
Украинците повторно ја воспоставуваат својата власт во градот, но Зеленски предупреди дека можеби има останати руски војници и саботери.
„Руските трупи ја уништија целата клучна инфраструктура при повлекувањето, оставајќи ги жителите без вода и струја, а посебна опасност претставуваат илјадници оставени мини и неексплодирани гранати. Се работи на обновата на интернетот, а снабдувањето со вода и струја ќе биде средено најбрзо што може“, кажа Зеленски.