Рускиот воен дрон што вчера падна во Летонија носел експлозиви што веројатно биле наменети за Украина, изјавија летонските власти. Романија и Летонија, кои се членки на НАТО, кажаа дека отвориле истрага откако руски дронови го нарушиле нивниот воздушен простор.
„Дронот што падна во Летонија беше од иранскиот вид ‘шахид‘. Експлозивите, кои веројатно биле наменети за Украина, беа деактивирани по пронаоѓањето“, изјави заповедникот на летонските вооружени сили Леонидс Калнинс.
Дронот паднал кај село оддалечено околу 90 километри од границата со Белорусија, од каде што и влегол, соопшти летонското министерство за одбрана.
Заменикот на генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана го осуди инцидентот како опасен и неодговорен, но додаде дека нема назнаки дека станува збор за намерен напад.