Руски танкер со 11-член екипаж е погоден во украински напад во Црното Море, објавија руските поморски власти. Тие кажаа дека е оштетен машинскиот простор на бродот, но нема повредени.
Агенцијата за поморски транспорт објави дека станува збор за танкерот „Сиг“, додавајќи дека нападот се случил во Керчкиот Проток, 17 километри јужно од Кримскиот мост. Нападот најверојатно бил изведен со поморски дрон, мало беспилотно пловило кое оперира на или под површината на водата.
Руската новинска агенција „ТАСС“ објави дека два товарни брода пристигнале на местото на инцидентот.
„Бродот има дупка во пределот на машинскиот простор“, изјави еден руски функционер.
Ова следува само ден по нападот со дронови во руското црноморско пристаниште Новоросијск, кога, според украинските извори, бил погоден и оштетен руски десантен брод.