Норвешката полиција објави дека телото што беше пронајдено на брегот на оваа земја му припаѓа на 15-месечното момче кое почина во Ламанш минатата година.
Малиот Артин се удавил заедно со четворица други членови на неговото семејство кога чамецот со кој патувале потонал во октомври. Ова семејство на ирански Курди се обидувало да стигне од Франција во Велика Британија. Артин ќе биде погребан во родниот Иран.
„Телото е пронајдено на Нова година на југозападниот брег на земјата во близина на Кармој“, објави полицијата, додавајќи дека било идентификувано со помош на ДНК анализа.
Во чамецот што потона на 27 октомври загинаа уште две деца, од шест и девет години, а 15 мигранти биле превезени во болница.