Повеќе од 1.400 летови во САД биле откажани вчера откако на авиокомпаниите им беше кажано да го намалат сообраќајот поради рекордно долгата блокада на владата. Речиси 6.000 летови биле одложени, илјада помалку во однос на петокот.
Ова следува откако Федералната агенција за воздухопловство (ФАА) објави дека ќе го намали авиосообраќајот за 10% на 40-те најпрометни аеродроми во земјата зашто контролорите на летање веќе со недели работат без плата поради блокадата. Републиканците и демократите остануваат поделени околу тоа како да се стави крај на блокадата, која започна на 1 октомври. Таа влезе во 40. ден, со што е најдолга во историјата на земјата.
„Американ ерлајнс“ ги повика лидерите во Вашингтон веднаш да постигнат договор за крај на блокадата. Според сајтот „FlightAware“, најмногу откажани летови имало на аеродромите во Шарлот, Њуарк и Чикаго.
На аеродромите во Њујорк и Атланта, кои се меѓу најпрометните во САД, полетувањата доцнеле од три до еден час. Министерот за транспорт Шон Дафи изјави дека ограничувањата важат и за приватните авиони, не само комерцијалните.
Работите веројатно ќе се влошат во наредните денови бидејќи ФАА го зголемува процентот на откажани летови. Во четвртокот беше објавено дека намалувањето на летовите ќе биде постепено, почнувајќи од 4% во петокот, пред да се зголеми на 6% до 11 ноември, 8% до 13 ноември и на 10% до 14 ноември.
ФАА соопшти дека намалувањата се неопходни заради одржување на безбедноста бидејќи контролорите на летање биле преоптоварени за време на блокадата. Тие се меѓу 1,4 милиони сојузни работници кои се принудени да работат без плата или добиле неплатено отсуство.



