Украинските сили ослободиле околу 6.000 квадратни километри територија во противофанзивата овој месец, изјави претседателот Володимир Зеленски и побара нова помош во противвоздушни системи од западните земји. Тој кажа дека украинската војска продолжува да напредува на истокот и југот на земјата, па Русите сега контролираат само мал, источен дел од харкивскиот регион.
Русија призна дека изгубила клучни градови во североисточна Украина, но тоа го опиша како повлекување на трупите заради прегрупирање и фокусирање на источните региони Доњецк и Луганск.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека украинските сили оствариле значаен напредок во својата противофанзива, но додаде дека засега е рано да се предвиди исходот.
„Од почетокот на септември, нашите војници имаат ослободено територија од над 6.000 квадратни километри на истокот и југот. Движењето на нашите трупи продолжува“, кажа Зеленски во своето ноќно обраќање, без да наведе кои села и градови се ослободени.
Руската војска потврди дека се повлекла од Балаклија, Купјанск и Изјум. Украинските разузнавачи кажаа дека Москва го сменила заповедникот на западната армиска група, генералот Роман Бердников, по последните порази во Харкив.
„Она што Русија го опиша како регрупирање во Харкив, всушност, бил целосен распад на руските трупи, кои зад себе оставиле многу опрема и муниција“, изјави Мејсон Кларк од американскиот Институт за проучување војна.