Лидерот на озлогласениот мексикански наркокартел Синалоа, Исмаел Ел Мајо Самбада, е уапсен од американските федерални агенти во Ел Пасо, Тексас. Седумдесет и шестгодишниот Самбада ја основал оваа криминална организација заедно со Хоакин Ел Чапо Гусман, кој моментално е во затвор во САД.
Американското министерство за правда кажа дека заедно со Самбада е уапсен и синот на Ел Чапо, Хоакин Гусман Лопес. Во февруари, американските обвинители го обвинија Самбада за заговор за производство на фентанил, моќна дрога која ја поттикна опиоидска криза во САД, која однесе голем број животи.
„Самбада и Лопес ја водеа една од најмоќните и најнасилни организации за шверц на дрога во светот, Фентанилот е најсмртоносната закана со дрога со која нашата земја некогаш се соочила, а Синалоа е најголемиот снабдувач на САД со дроги“, изјави јавниот обвинител на САД Мерик Гарланд.
Американските власти имаа понудено награда од 15 милиони долари за фаќањето на Самбада. За време на судењето на Ел Чапо во 2019, неговите адвокати кажаа дека Самбада ја поткупил целата мексиканска влада за да може да живее слободно, без страв од прогон.
Покрај обвиненијата поврзани со фентанилот, Самбада се соочува и со други обвиненија во САД, како шверц на дрога, убиство, киднапирање, перење пари и организиран криминал. Тој избегнуваше апсење со децении, па оваа вест предизвика шок во Мексико. Деталите за оваа акција, која била планирана со месеци не се познати, но се чини дека Самбада и Лопес биле во САД.
Повикувајќи се на мексикански и американски функционери, „Вол стрит џурнал“ објави дека Самбада бил измамен да се качи во авион на висок член на Синалоа, верувајќи дека ќе оди во инспекција на тајните аеродроми во Мексико.