Доналд Трамп кажа дека воената операција против Иран би можела да трае четири-пет недели, но САД имаат капацитети и за подолго. Зборувајќи за првпат од Белата куќа откако почнаа нападите во саботата, Трамп рече дека акцијата се одвива значително побрзо од првичните проекции.
„Предвидувавме дека ќе требаат четири недели за да се уништи раководството на иранската војска, а ја завршивме работата за еден час“, кажа Трамп.
Иран денеска ја потврди смртта на уште седуммина воени заповедници.
Трамп порача дека целите на воената операција во Иран се јасни.
„Тие се уништување на иранските ракетни способности, уништување на нивната морнарица и спречување на можноста некогаш да развијат нуклеарно оружје. Иран не може да продолжи да вооружува, финансира и управува со терористички војски надвор од своите граници“, кажа Трамп.
Тој исто така ги оправда нападите со недостигот на напредок во дипломатските напори да се постигне договор за иранската нуклеарна програма.
„Сфативме дека со тие луѓе не се преговара. Ирански режим вооружен со проектили со долг дострел и нуклеарно оружје би бил неподнослива закана за Блиски Исток и за американскиот народ. Нашата земја би била под закана и дојде блиску до таа закана“, кажа Трамп.



