Војната во Украина почна со Крим и мора да заврши со негово ослободување, изјави Володимир Зеленски откако десетина силни експлозии погодија руска воздушна база на анектираниот полуостров, при што загина едно лице, а осум се повредени. Тој не ги спомна експлозиите во своето ноќно обраќање, но кажа дека „Крим е украински и никогаш нема да се откажеме од него“.
Русија тврди дека на Крим дошло до детонација на муниција и дека немало никаков напад, додека Украина кажа дека не е одговорна за експлозиите.
„Се разбира дека Украина не стои зад експлозиите. Што имаме ние со тоа?“, изјави советникот на Зеленски, Михајло Подољак.
Тој смета дека експлозиите би можеле да бидат дело на локални партизански саботери.
„Луѓето кои живеат под окупација сфаќаат дека окупацијата се ближи кон крајот“, изјави Подољак.
Русија го анектираше Крим во 2014 и сега го смета за своја територија, па секој украински напад би го сметала за многу сериозен. Вчерашните експлозии се најголемиот инцидент на Крим од почетокот на руската инвазија и се случија 200 километри од линијата на фронтот.
„Никогаш нема да заборавиме дека руската војна против Украина почна со окупацијата на Крим. Таа почна со Крим и мора да заврши со Крим, односно со негово ослободување“, изјави Зеленски.