Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс изјави дека војната во Украина нема да заврши во скоро време. Тој рече дека прашањето со кое сега се соочува американската администрација е како таа би можела да им помогне на Русија и Украина да најдат заеднички јазик за ставање крај на конфликтот кој беснее повеќе од три години.
„На крајот, Русија и Украина ќе бидат тие кои ќе треба да се договорат. Но, како што сега стојат работите, оваа војна нема да заврши така скоро“, кажа Венс.
Во интервјуто за „Фокс њуз“, Венс го бранеше пристапот на Трамп кон војната во Украина.
„Ако некој може да постигне мировен договор, тоа е Трамп. Разбирливо, Украинците се гневни зашто се нападнати, но дали има смисла да продолжи убивањето на илјадници и илјадници војници поради неколку километри територија“, кажа тој.
Минатата недела, Трамп навести дека Украина би можела да се откаже од Крим со цел да се постигне мировен договор, но Володимир Зеленски возврати дека тоа е неприфатливо за нив.
Во одделно интервју за „Фокс њуз“, државниот секретар на САД Марко Рубио повтори дека наскоро мора да се постигне напредок во преговорите или Трамп ќе мора да одлучи уште колку време ќе посвети на оваа војна.