Маскирани вооружени напаѓачи направија заседа на затворско комбе во Франција за да ослободат дилер на дрога познат под прекарот Мува, при што се убиени двајца и ранети уште тројца полицајци.
Смелиот, планиран напад се случи во девет часот на патарина во Икарвил во северна Франција. Избеганиот затвореник е именуван како Мохамед Амра, 30-годишен дилер на дрога, кој на 10 мај беше осуден за грабеж, а претходно и за киднапирање со смртни последици. Полициски извор од Марсеј кажа дека Амра имал врски со тамошната моќна банда „Блекс“.
Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат најмалку двајца маскирани напаѓачи кои носат пушки како кружат околу џип кој е во пламен. Притоа изгледа дека џипот се забил во предниот дел од полициското комбе.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманан изјави дека е покрената голема полициска потрага.
„Се користат сите расположливи средства за да се фатат овие криминалци. Мобилизирани се неколку стотици полицајци“, кажа тој.
Министерот за правда Ерик Дипонд-Морети изјави дека нападот се случил додека Амра одел на состанок со истражен судија во Руен. Додаде дека двајца од ранетите полицајци се во критична состојба.