Воз на американската компанија „Амтрак“ излета од шини и падна на автопат во сојузната држава Вашингтон и властите соопштија дека има загинати.
Трагедијата се случи на првиот ден од користењето на новата, пократка железничка линија меѓу Такома и Олимпија. Возот тргнал од Сиетл, а излетал јужно од Портланд, во близина на градот Дупонт. При излетувањето, неколку возила на автопатот останале заглавени под вагоните, но портпаролот на шерифот на округот Пирс, Ед Тројер, изјави дека нема мртви меѓу возачите.
„Сите загинати биле во возот. Има неколку загинати, но точната бројка сѐ уште ја немаме. Сцените се ужасни“, кажа Тројер.
Во моментот на несреќата, во возот имало 78 патници и пет члена на екипажот. Властите изјавија дека 77 луѓе се примени во болница.