Врховниот водач на Иран, Моџтаба Хамнеи, издаде наредба дека збогатениот ураниум, кој е блиску до степен потребен за нуклеарно оружје, не треба да се испраќа во странство, изјавија два високи ирански извори, со што се зацврстува ставот на Техеран за едно од главните барања на САД во мировните преговори. Наредбата на Хамнеи би можела дополнително да го исфрустрира Доналд Трамп и да ги закомплицира разговорите за прекин на американско-израелската војна против Иран.
„Наредбата на врховниот лидер и консензусот во власта е дека залихите на збогатен ураниум не треба да ја напуштат земјата“, рече еден од двата ирански извори.
Израелски претставници изјавија за „Ројтерс“ дека Трамп го уверил Израел дека иранските залихи на високо збогатен ураниум ќе бидат испратени надвор од Иран и дека секој мировен договор мора да вклучува ваква клаузула.
Израел, САД и другите западни држави долго време го обвинуваат Иран дека сака да развие нуклеарно оружје, укажувајќи на неговиот потег за збогатување ураниум до 60%, многу повисоко од потребното за цивилна употреба. Иран негира дека сака да има нуклеарно оружје. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нема да смета дека војната е завршена сè додека збогатениот ураниум не се отстрани од Иран,
Високите функционери на Иран, велат изворите, веруваат дека испраќањето на материјалот во странство би ја направило земјата поранлива на идните напади од страна на САД и Израел.
Меѓународната агенција за атомска енергија процени дека Иран имал 440,9 килограми ураниум збогатен до 60% кога Израел и САД ги нападнаа иранските нуклеарни постројки во јуни 2025. Колку од тоа преживеало е нејасно.



