Александар Вучиќ прогласи победа на вчерашните вонредни парламентарни избори во Србија, тврдејќи дека листата на неговата Српска напредна партија (СНС) ќе освои апсолутно мнозинство. Државната изборна комисија утрово соопшти дека изборната листа „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ освоила над 47% гласови, па следуваат опозициските партии здружени во листата „Србија против насилството“ со 22,86%. На третото место е листата на Ивица Дачиќ со 6,67% гласови.
Опозицијата и натаму се надева на победа во Белград, додавајќи дека има 21.000 гласови помалку од СНС, но само затоа што 40.000 луѓе без легално престојувалиште во главниот град организирано биле донесени на гласање за да ја поддржат владејачката листа. Таа бара поништување на изборите во Белград и најави протест за денеска во 18 часот.
Најголемото изненадување на изборите е лекарот Бранимир Несторовиќ, кој се прослави во пандемијата на ковид-19. Неговата листа „Ми – глас од народот“ го помина прагот за влез во парламентот, но најави дека со никого нема да коалицира, иако би можел да има клучна улога во тоа кој ќе владее во Белград.
Иако самиот не се кандидираше на изборите, Вучиќ објави дека неговата листа треба да има 127 пратеници во парламентот од можни 250, Тој кажа дека според досега пребројаните гласови освоил 10% гласови повеќе во споредба со ланските избори.