Доналд Трамп изјави дека за десет дена ќе почне да ѝ воведува царини и други мерки на Русија ако таа не покаже напредок кон завршувањето на повеќе од тригодишната војна со Украина.
Во понеделникот, Трамп го скрати својот првичен 50-дневен ултиматум за Русија, барајќи од неа да прифати прекин на огнот во рок од 10-12 дена или ќе се соочи со санкции. Тој кажа дека досега не слушнал никаков одговор од Москва.
На враќањето од приватната посета на Шкотска, Трамп изјави дека не е загрижен од можното влијание на санкциите врз цените и пазарот на нафта, најавувајќи дека ако биде потребно, ќе го зголеми домашното производство на нафта.
„Не знам дали тоа ќе влијае на Русија, бидејќи Путин веројатно сака да ја продолжи војната. Но, ние ќе воведеме царини и разни други работи што се воведуваат“, рече Трамп.
Претседателот на САД, кој во минатото нагласуваше дека има добри односи со Путин, е сè повеќе фрустриран од одбивањето на Москва да се согласи на прекин на огнот. Тој досега ја отфрлаше можноста за воведување нови санкции на Русија, но при посетата на Шкотска се закани дека ќе ги воведе не само на Русија, туку и на земјите кои увезуваат од неа. Притоа кажа дека Кина може да очекува повисоки царини ако продолжи да купува нафта од Русија.