Француската премиерка Елизабет Борн поднесе оставка, додека претседателот Емануел Макрон се обидува да му даде нов поттик на својот втор мандат во пресрет на изборите за Европскиот парламент и Олимписките игри во Париз ова лето. Тој не го именуваше веднаш наследникот на Борн, која заедно со остатокот на владата ќе продолжи да работи до изборот на нова.
Избрана пред повеќе од една и пол година, Борн е втората жена на премиерската функција во Франција, по Едит Кресон, која ја водеше владата во 1991/92 во времето на Франсоа Митеран.
Очекуваните промени во владата се случуваат по турбулентната година во Франција, обележана со политичка криза поради изгласаните спорни пензиски реформи и контроверзен нов закон за имиграцијата. Во писмото во кое ја објави оставката, Борн кажа дека сега е неопходно повеќе од кога било да се продолжи со реформите.
Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат во јуни и се очекува евроскептиците да остварат рекордни добивки. Во Франција, анкетите покажуваат дека партијата на Макрон заостанува зад крајната десница предводена од Марин Ле Пен за осум до десет проценти во пресрет на изборите. Во изминатите 18 месеци, Ле Пен работеше на подобрувањето на својот имиџ и многумина предвидуваат дека таа би можела да победи на претседателските избори во 2027.
Како можни наследници на Борн се најавуваат 34-годишниот министер за образование Габриел Атал и 37-годишниот министер за одбрана Себастијан Лекорну и кој било од нив би бил најмладиот премиер во историјата на земјата.