Украински дронови погодија уште две складишта на најголемиот руски онлајн продавач „Вајлдберис“, при што се повредени 15 лица.
„Во текот на ноќта се погодени логистичките центри на компанијата во Краснодар и Невиномиск, што доведе до евакуација на работниците“, рече основачката на „Вајлдберис“, Татјана Ким.
Ова е вторпат за четири дена Украина да ги нападне објектите на фирмата. Магацините во Тамбов и Електростал беа погодени викендов, при што загинаа осум лица, а над 60 беа повредени.
Володимир Зеленски рече дека Украина ги нападнала логистичките центри на руски „Амазон“ во регионите Краснодар и Ставропол кои се „вклучени во снабдувањето на руската армија со компоненти за дронови, опрема за навигација и со друга опрема“.
Руските аналитичари ја проценија економската штета од првите напади на 100 милијарди рубли (1,3 милијарди долари), со што тоа беа едни од најскапите напади врз комерцијалната инфраструктура во Русија од почетокот на војната.



