Поранешниот украински пратеник Олег Царјов (53), за кого се збореше дека би можел да предводи марионетска влада во Киев по руската инвазија, се наоѓа на интензивна нега откако бил застрелан. Прорускиот функционер во јужна Украина Владимир Рогов не кажа каде се случило пукањето.
„Олег е застрелан и неговата состојба е многу сериозна. Тој е моментално на интензивна нега“, изјави Рогов.
Минатата година, американски разузнавачи го поврзаа Царјов со можноста да води марионетска влада на Украина. Царјов ги отфрли овие шпекулации како смешни и кажа дека води бизнис на Крим.
Царјов беше пратеник во украинскиот парламент и спикер на парламентот на Новоросија, тело формирано од руските сепаратисти во источна Украина по почетокот на борбите во 2014. Тој исто така беше проруски кандидат на претседателските избори во Украина во 2014.