Доналд Трамп го потпиша законот за финансирање на владата, со што заврши нејзината блокада, најдолга во историјата на земјата. Тој го потпиша краткотрајниот закон неколку часа откако беше изгласан во Претставничкиот дом со 222-209 во гласови и два дена по неговото усвојување во Сенатот.
Трамп кажа дека владата ќе продолжи со нормалното работење откако „луѓето беа тешко погодени“ од 43-дневната блокада.
Многу владини служби беа затворени од октомври, а 1,4 милиони федерални работници беа испратени на неплатено отсуство или работеа без плата. Се очекува владините служби да почнат да работат во наредните денови, а ќе се намали и нарушувањето во воздушниот сообраќај, откако илјадници летови беа откажани или одложени во изминатите денови. Поради тоа, и некои конгресмени имале проблеми да стигнат до Вашингтон за да гласаат за законот, па републиканецот Дерик ван Орден патувал со мотоцикл речиси 1.600 километри од Висконсин.
Законот ќе овозможи финансирање на владата само до 30 јануари, кога пратениците одново ќе се соочат со истиот проблем. Пред да го потпише законот, Трамп постојано ја обвинуваше Демократската партија за блокадата.
„Тие го направија тоа исклучиво од политички причини. Сетете се на ова на следните избори“, кажа Трамп.
Демократите во Сенатот успеаја да го активираат затворањето и покрај тоа што се малцинство, бидејќи на републиканците им беа потребни неколку демократски гласа за да го усвојат привремениот закон за финансирање. Во неделата, осуммина демократски сенатори гласаа спротивно на својата партија и го поддржаа планот за крај на блокадата откако добија ветување дека во декември ќе се гласа за продолжување на субвенциите за здравствена заштита за милиони Американци.



