Западните сојузници на Украина силно го осудија вчерашниот руски ракетен напад врз Суми, во кој загинаа 34 луѓе, од кои две деца, при што Доналд Трамп го опиша како ужасен и додаде дека бил голема грешка. Володимир Зеленски го покани Трамп да дојде во Украина и самиот да се увери во уништувањата што ги донесе руската агресија.
„Ве молам, пред да донесете каква било одлука, пред какви било преговори, дојдете да ги видите луѓето, цивилите, воините, болниците, црквите мртви или уништени“, кажа Зеленски.
Две балистички ракети го погодија центарот на Суми вчера претпладне додека луѓето оделе во црква за верскиот празник Цветници, оставајќи раскрвавени тела на улиците. Една ракета погодила трамвај полн со патници. Во нападот има и 117 ранети. Русија досега не го коментираше нападот, но нејзините сили се веднаш до границата во близина и наводно се спремаат за голема офанзива во регионот.
Специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, кажа дека нападот ги преминал сите линии на пристојност, додека идниот германски канцелар Фридрих Мерц изјави дека нападот е чин на сериозно воено злосторство.
Ова е најсмртоносниот напад врз цивилите во Украина оваа година. Пред само десет дена, руски ракети убија 20 луѓе во родниот град на Зеленски, Криви Рих.
Овој напад уследи по разговорите помеѓу специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф и Владимир Путин во петокот во Санкт Петербург. Украина претходно се согласи со планот на Белата куќа за 30-дневен прекин на борбите, но Русија ги засили бомбардирањата на украинските градови.