Украинскиот претседател Володимир Зеленски се спрема да го смени шефот на војската Валери Залужни, што би бил најголемиот потрес во украинската воена команда од почетокот на руската инвазија пред речиси две години, објави „Фајненшл тајмс“. Според четири извори упатени во процесот, Зеленски му понудил нова, советничка улога на генералот Залужни, но тој одбил.
Тие велат дека Зеленски бил решен да го тргне Залужни без разлика дали тој ќе ја прифати понудата. Иако одлуката веќе била донесена во кабинетот на Зеленски, смената нема да се случи веднаш откако плановите за тоа протекле во медиумите. Засега е нејасно и кој би го заменил таканаречениот Железен Генерал, кој е шеф на генералштабот од јули 2021.
Украинското министерство за одбрана демантираше дека Залужни е сменет.
Веќе неколку месеци односите помеѓу Зеленски и Залужни се тензични, што излезе и во јавност во ноември откако стана јасно дека украинската противофанзива е неуспешна. Залужни особено го налути Зеленски со изјавата дека војната е во ќор-сокак.
Според една анкета од декември, дури 88% Украинци имаат верба во Залужни, наспроти 62% во Зеленски.