Володимир Зеленски повика да се формира „европска војска“ зашто САД можеби веќе нема да му помагаат на континентот.
Во својот вчерашен говор на Минхенската безбедносна конференција, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ги нападна европските демократии и ја повика Европа значително да ги зголеми вложувањата во својата одбрана.
„Навистина мислам дека дојде време за создавање вооружени сили на Европа. Вчера овдека во Минхен, американскиот потпретседател беше јасен дека завршуваат повеќедецениските врски помеѓу Европа и Америка. Работите отсега ќе бидат поинакви и Европа мора да се прилагоди на тоа. Да бидеме реални, не треба да ја отфрлиме можноста дека Америка нема да ѝ помогне на Европа во случај на закана. Многу лидери зборуваа дека Европа треба да има своја армија“, кажа Зеленски во Минхен.
Додека војната во Украина се ближи кон својата четврта година, и Трамп и неговиот министер за одбрана Пит Хегсет му порачаа на Киев да не очекува членство во НАТО.
„Кога пред неколку дена разговарав со Трамп, тој ниеднаш не кажа дека Европа треба да биде на преговарачката маса и тоа кажува многу. Помина времето кога Америка ја поддржуваше Европа“, нагласи Зеленски.