Голема спасувачка акција се одвива во моментов, откако моќен земјотрес го погоди планинскиот граничен регион на Иран и Ирак, при што загинаа над 400, а се повредени над 7.000 лица во двете држави.
Тимовите ги пребаруваат урнатините на зградите и се стравува дека под нив има уште доста заглавени луѓе, но, и без тоа, ова е најсмртоносниот земјотрес што се случил оваа година.
Најмногу загинати има во иранскиот град Сарпол-е-Захаб, што се наоѓа на 15 километри до границата. Тамошната болница е сериозно оштетена, со што лекарите не можат да им помогнат на повредените.
Според една агенција, за околу 70.000 луѓе треба да се обезбеди засолниште по земјотресот.
Иранските власти ја потврдија бројката од 407 загинати во земјата, додека во соседниот Ирак има девет мртви, како и околу 500 повредени.
Земјотресот бил со силина од 7,3 степени според Рихтеровата скала, со епицентар на длабочина од 23 километри, на 30 километри од иранската граница.