ЗЕТОТ НА ТРАМП СЕ ОТКАЖА ОД ИЗГРАДБА НА ХОТЕЛ НА МЕСТОТО НА ГЕНЕРАЛШТАБОТ ВО БЕЛГРАД

    ЗЕТОТ НА ТРАМП СЕ ОТКАЖА ОД ИЗГРАДБА НА ХОТЕЛ НА МЕСТОТО НА ГЕНЕРАЛШТАБОТ ВО БЕЛГРАДОд фирмата на Кушнер рекле дека се повлекуваат од почит кон Белград и народот на Србија (Фото: Шатерсток)

    Фирмата „Афинити партнерс“, чиј сопственик е зетот на Доналд Трамп, Џеред Кушнер, потврди за „Вол стрит џурнал“ дека се повлекува од проектот за градење на местото на уништените згради на генералштабот во Белград, објави „Н1“. Оттаму рекле дека се повлекуваат од почит кон Белград и народот на Србија зашто „значајни проекти треба да обединуваат, а не да делат“.

    Ова следува откако Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинителен предлог против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за незаконско постапување при укинувањето на статусот на културно добро врз зградите на генералштабот. Тие се обвинуваат за злоупотреба на службената положба и за фалсификување дозвола.

    Во почетокот на ноември, српскиот парламент усвои закон со кој се отвора можност за реализација на контроверзен градежен проект во Белград предводен од Кушнер. Неговата фирма „Афинити партнерс“ сакаше да гради луксузен хотел и станбен комплекс на местото на некогашниот генералштаб на југословенската војска, кој беше бомбардиран од НАТО за време на воената интервенција во 1999. Иако уништена и напуштена оттогаш, зградата во центарот на градот има симболично значење за Србите.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ го поддржа проектот, и покрај протестите и правните пречки. Минатата година, српската влада го укина заштитениот статус на зградата и ја даде под 99-годишен закуп на Кушнер, кој планираше развоен проект вреден 500 милиони долари.

    „Нашата визија за Белград беше да понудиме елегантен и инспиративен дизајн што му оддава почит на напредокот на Србија. Бидејќи значајни проекти треба да обединуваат, а не да делат, ја повлекуваме нашата пријава и се откажуваме од натамошното учество во проектот“, соопшти фирмата на Кушнер.

    Според „Вол стрит џурнал“, Кушнер преговарал повеќе од две години за проектот, а официјалниот договор го потпишал тогашниот министер за култура Горан Весиќ во мај минатата година. Договорот барал да се укине заштитениот статус на генералштабот и неговото земјиште да се даде на бесплатен 99-годишен закуп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира