Првото испловување на крузер од Венеција од почетокот на пандемијата беше проследено со протести, додека дел од жителите велат дека се измамени од италијанската влада, која неодамна соопшти дека на големите пловила ќе им биде забранет влез во историскиот центар на градот.
Стотици луѓе протестираа на копното и во чамците со знамињата „Не сакаме големи бродови“, опкружувајќи го 92.000-тонскиот крузер „МСЦ оркестра“ додека испловуваше со 650 патници од пристаништето на Венеција на својот пат кон Хрватска и Грција.
„Ние сме овдека зашто сме против вакви поминувања, но и против туристичкиот модел кој го уништува градот“, изјави 29-годишната учителка Марта Соторива.
Во март, владата на Марио Драги објави дека на големите бродови веќе нема да им биде дозволен влез во историскиот центар на Венеција.
„Владата на Италија се покажа многу добра во лажењето не само на жителите на Венеција, туку и на медиумите и јавноста низ цел свет“, изјави Томасо Качари, лидерот на активистичката група „Не сакаме големи бродови“.
Во исто време се одржа контрапротест за поддршка на илјадници луѓе од областа кои живеат од крузерската индустрија и кои главно беа без работа откако почна пандемијата.