Демократите и формално го номинираа Џо Бајден за свој претседателски кандидат на партиската конвенција која се одржува онлајн поради пандемијата на коронавирусот, при што тој доби поддршка и од бившите претседатели Бил Клинтон и Џими Картер. Ова е неговиот трет обид за влез во Белата куќа, откако претходно се кандидираше и во 1988 и 2008 година.
Бајден ја прослави номинацијата заедно со сопругата и внуките во училишна библиотека во Делавер. Џо Бајден е повеќе од 40 години во брак со Џил Бајден, додека неговата прва сопруга Нилија и едногодишната ќерка Наоми загинаа во сообраќајна несреќа во 1972 година.
Бајден пред пет години го погоди уште една семејна трагедија, откако неговиот постар син Бо почина од тумор на мозокот на 46 години.
„Имаше времиња кога не можев да замислам како продолжува понатаму. Но, секогаш разбирав зошто го прави тоа. Тоа го правеше за вас“, изјави Џил Бајден во видеообраќањето.
Седумдесет и седумгодишниот Бајден ќе го има своето прво обраќање како претседателски кандидат в четврток, а претходно треба да се случи уште еден голем момент – изборот на Камала Харис за кандидат за потпретседател.