ПЕНЗИИТЕ ОД ОКТОМВРИ ЌЕ БИДАТ ПОВИСОКИ ЗА ТРИ ОТСТО

    ПЕНЗИИТЕ ОД ОКТОМВРИ ЌЕ БИДАТ ПОВИСОКИ ЗА ТРИ ОТСТОЗаконското усогласување се спроведува двапати годишно, во март и во септември. (Фото: СДК.МК)

    Септемвриското усогласување на пензиите во Македонија ќе се реализира според законската формула утврдена во членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и ќе изнесува 3 отсто. Зголемените примања пензионерите ќе ги добијат на почетокот на октомври, бидејќи пензиите се исплаќаат за претходниот месец.

    Законското усогласување се спроведува двапати годишно, во март и во септември. Формулата претставува збир од 50 отсто од порастот на трошоците за живот и 50 отсто од растот на просечно исплатената нето-плата во првото полугодие во однос на претходните шест месеци.

    Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот јануари-јуни, индексот на трошоците на животот бележи раст од околу 1,17 отсто, што дава придонес од приближно 0,585 отсто, додека просечната нето-плата порасна за околу 4,75 отсто, односно носи придонес од 2,375 отсто. Вкупното пресметано усогласување изнесува меѓу околу 3 отсто, а бројката ја потврдија од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ)

    Кај просечната пензија од околу 28.100 денари растот ќе биде меѓу 830 и 900 денари, со што примањето ќе се искачи на приближно 29.000 денари. За корисниците со повисока пензија од околу 45.000 денари покачувањето ќе изнесува од 1.350 до 1.500 денари, со што новата сума ќе изнесува околу 46.400 денари.

    Бидејќи станува збор за процентно усогласување уредено со закон, а не за линеарно зголемување со фиксен износ за сите, повисоките пензии добиваат поголем раст пресметан во денари.

    Претходните 4 усогласувања откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт беа линеарни, двапати по 2.500 денари и двапати по 1.000 денари, но на 25 август, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека се враќа процентуалното усогласување.

    Како што кажа тогаш премиерот, таквата одлука се носи со цел заштита на пензионерите и нивните пензии. Тој рече дека при претходните линеарни покачувања биле поднесени иницијативи до Уставниот суд за нивно укинување од страна на поединци поттикнати од опозициските партии. Затоа, според него, натамошниот раст ќе се одвива исклучиво преку редовно нивелирање утврдено во законот.

    „Да, тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци во позадина охрабрени од политички партии да пред Уставниот суд покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, кажа Мицкоски.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира