20.000 ДИЈАБЕТИЧАРИ НЕ МОЖАТ ДА КУПАТ ИНСУЛИНСКА ТЕРАПИЈА ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ ПРЕЧКИ СО ШИФРИТЕ И КОДОВИТЕ

    20.000 ДИЈАБЕТИЧАРИ НЕ МОЖАТ ДА КУПАТ ИНСУЛИНСКА ТЕРАПИЈА ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ ПРЕЧКИ СО ШИФРИТЕ И КОДОВИТЕМинистерството за здравство вели дека од вторник во аптеките ќе бидат достапни игли и ленти за инсулин. (Фото: СДК.МК)

    Сојузот на здруженијата на дијабетичари на Македонија реагира дека иако во земјава е достапна инсулинската терапија, сѐ уште постојат технички пречки за пациентите да ја купат терапијата.

    „Некои од инсулините во системот Мој термин се внесени со дупли шифри поради што инсулинот го има во аптеките, но не може да се купи оти шифрите не се достапни во системот. Со исклучок на пациентите од Скопје, сите останати веќе трет месец се без терапијата ‘виктоза’. Тоа значи дека на овие пациенти здравствената состојба им се влошува или се принудени да го набавуваат лекот како знаат и умеат“, рече претседателот на Сојузот Димче Велев на денешната прес-конференција во Штип.

    Претседателот на Сојузот на дијабетичарите Димче Велев од Штип апелираше до Министерството за здравство да се реши техничкиот проблем и пациентите по три месеци конечно да можат да ја купат инсулинската терапија. (Фото: СДК.МК)

    Како што рече Велев, Сојузот добил информација дека овој производ повеќе нема да го добиваат преку Министерството за здравство и дека ќе биде заменет со некој понов лек кој се давал еднаш неделно. За Сојузот тоа е во ред, но велат не е дозволено веќе три месеци да не е внесен во Мој термин и матичните да не можат да им го препишат и да го подигнат од аптеките. Слично е и со набавката на ленти и ланцети. Ги има, но се внесени со погрешни шифри.

    Велев реагира како може веќе три месеци топката да се префрла од Министерството до Мој термин и обратно, посебно поради тоа што во Македонија над 40.000 пациенти се на инсулин и спаѓаат во најризичната група од ковид -19.

    „Пациентите не се оставени без инсулин, во сите инсулински аптеки во државата има инсулин и истиот им е достапен на пациентите. Изминатиов период, поради промена во софтверот за нов вид на инсулински продукти – игли Тип1 и Тип2, како и апаратчињата за мерење гликемија кои не ги препишува лекар, туку системот сам ги генерира, не се издаваа истите. Напоменуваме дека нема никаков проблем во количините на иглите, лентите и апаратите за мерење инсулин, туку во делот на евидентирањето, проблем што веќе се надминува и од вторник, кога ќе бидат отворени инсулинските аптеки, истите инсулински продукти ќе им бидат достапни на пациентите“, соопшти Министерството за здравство.

    Т. ЈОВАНОВСКИ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира