Испитувања на Д-димери и Це-Ер-Пе за ковид болните и понатаму се прават во скопските поликлиники „Букурешт“, „Идадија“ „Бит Пазар“, „Јане Сандански“ и „Драчево“, вели директорот на Здравствен дом Скопје Виктор Исјановски. Овие испитувања во Скопје почнаа од 18 јануари и продолжија за време на силниот бран во март. Летово, вели тој, речиси и да немало такви испитувања, но како што почна новиот бран, повторно зачестиле.
Раководителката на секторот за лабораториска дејност во Здравствен дом Скопје д-р Евица Влашки за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека сѐ уште важи препораката испитувањата да се закажуваат со упат Лу1 – ковид 19 од матичен лекар, но потенцира, како и Исјановски, дека ниту еден пациент не бил вратен ако дошол во тешка состојба.
„Секој работен ден, во утринските часови докај 10 часот се вршат вакцинирања на деца, испитувања на трудници, постковид пациенти, и ние препорачуваме ковид болните да се испитуваат во период до 12 часот, со цел резултатите да им бидат готови уште истиот ден, докај 14:30 часот. Ние сме свесни дека ковид болните лица треба да се пријават во полиција пред да дојдат и им излегуваме во пресрет, и затоа апелираме да дојдат во одреден термин, со цел да не се мешаат со здрави лица. Резултатите може да ги земе нивно блиско лице“, ни изјави д-р Влашки.
Докторката додава дека дневно се изработуваат по 30 анализи. Ковид пакетот за Д-димери, крвна слика и це-ер-пе чини 250 денари, додека на приватно, само Д-димерите чинат 1.700 денари.
Министерот за здравство Венко Филипче денес изјави дека смртноста од ковид-19 во земјава е висока оти пациентите доцна се јавуваат во болница. Граѓаните, како за време на силниот бран во март, и периодов, реагираат дека тешко се доаѓа до термини, не само за испитувања на крвта, туку и за рутински ехо прегледи.
„Не се чувствува голем притисок, опремени сме со апарати и излегуваме во пресрет на сите пациенти. Апелираме на почитување на мерките и висок степен на одговорност и свесност, оти само така ќе си помогнеме едни на други. Да бевме посовесен народ немаше да стигнеме до тука. Ќе ви кажам пример, трудница позитивна на ковид-19 дошла да се испита во исто време кога се вакцинирале здрави бебиња. Не кажа дека е ковид позитивна. И кога им реков на неа и сопругот : ‘Како ќе ви биде вам утре вашето дете да биде во иста соба со ковид болен’, се правдаа дека не знаеле каков е протоколот“, кажа д-р Влашки која 30 години е во поликлиниката „Идадија“.
Во земјава има 14.077 активни случаи на ковид-19.
Б. НЕСТОРОСКА