Утринава се вратени граѓани кои имале термин за ревакцинација со „Синофарм“ во вакциналниот пункт во скопската Поликлиника Чаир оти снемало вакцини. Објаснувањето кое го добивме на телефонскиот број од поликлиниката беше дека од сабајле ги потрошиле дозите што им останале од вчера и чекаат да им донесат нови количини, но не знаат кога ќе пристигнат.
Вратените граѓани, кои се јавија во редакцијата, негодуваат бидејќи терминот им бил во 9.30 часот и потоа мора да одат на работа, не можат да чекаат цел ден во поликлиниката да стигнат нови дози.
На нашето прашање дали овие граѓани може да дојдат утре, од поликлиниката ни одговорија: „Ако доаѓаат утре, нека дојдат што порано, оти ни носат ден за ден“.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати и кај директорот на Поликлиниката Чаир, д-р Сељадин Мемети, кој кажа дека од Министерството за здравство им носат онолку дози колку што се пријавени на „МојТермин“.
„Кај нас во тек е ревакцинација со ‘Синофарм’. Пред три недели дававме прва доза на кинеската вакцина, а веќе во тек е само ревакцина. Имаме доволно количини колку што се пријавени на ‘МојТермин’. Колку што се пријавени, толку дози ни се распоредуваат од Министерството за здравство. Секојдневно се соочуваме со секакви ситуации, доаѓаат граѓани без пријава и термин и инсистираат да се вакцинираат. Или пак одат во ‘Борис Трајковски’ и лажат дека ние сме ги пратиле таму да се вакцинираат. Па ни се јавуваат колегите од таму и реагираат зошто праќаме граѓани”, вели д-р Мемети.
Во Скопје, покрај пунктот во Чаир, вакцинацијата против ковид-19 се спроведува во салата „Борис Трајковски“, и во поликлиниките Букурешт и Јане Сандански.
Б. НЕСТОРОСКА