Само една недела пред да се повлече од функцијата пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров во улога на вицепремиер во техничката влада потпишал одлука за распределба на 800 илјади евра, пари од буџетот на државата, наменети за финансирање на здруженија и фондации. Одлуката објавена во Службен весник, Тодоров ја потпишал на 23 мај. Долгогодишниот министер за здравство на ВМРО-ДПМНЕ Тодоров на 29 мај на Фејсбук објави дека си поднесува оставка на функцијата пратеник во Собранието и кажа дека планира во иднина да се посвети на адвокатската професија и да даде поголем придонес во партиските активности.
Техничката владата на чело со Емил Димитриев на 30 март го објави огласот за финансиска поддршка, а сумата што годинава им се дава на организациите е четири пати поголема споредено со изминатите години.
Огласот на Владата за финансирање на граѓански здруженија и фондации дојде 3,5 месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија на 17 декември, 2016, од каде го објави прогласот на партијата и најави десоросоизација на невладиниот сектор во земјава.
Во 2016 година, како и во 2015 и во 2014 година, за истата намена од буџетот биле исплатени по 12 милиони денари, односно 195 илјади евра. Парите им се распоредувале на вкупно 40 организации.
Сега, 800 илјади евра биле дадени на 28 фондации и граѓански организации.
Од Министерството за финансии не сакаат да ја коментираат одлуката ниту да дадат објаснување по кои критериуми се делеле парите. Од таму велат дека тие само ја вршат исплатата, но не одлучуваат по истата.
Според одлуката што е објавена во Службен весник, осум организации добиле по 50 илјади евра.
Нивните проекти се насловени „Демократија во вистински раце“, „Заедно за подобро општество“, „Партнерство НВО-јавен сектор, клучни за евроинтеграциите“, а по речиси 40 илјади евра добиле и здруженија кои треба да направат проект „Средношколска унија на млади (СУМ)-демократска и креативна асоцијација на млади“ или „Здраво семејство за здрава младина“.
Дел од невладините немаат веб страници.
Некои од нив во 2009 година биле јавно повикани од СДСМ да кажат кој ги финансира, зашто воделе кампања „Отпор против Бранко Цвенковски“.
Друга невладина организација, пак, во 2013 година организирала марширње со велосипеди за да изрази гнев зашто опозицијата со автомобили го блокирала Скопје.
„Техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна, затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините организации, а истовремено истата влада сака да додели фонд повисок од кој било што го одвојувала за невладини организации. Додека минатата година се потпишувале договори до 5.000 евра, сега се зголемени до 50.000 евра. Поради сите овие причини, бараме оваа одлука за доделување на јавните средства да биде ревидирана во најкус можен рок“, рече завчера Филип Стојановски од „Метаморфозис“, една од оние 21 здружение и фондација кои од декември, 2016 досега се мета на финансиски контроли на УЈП и Финансовата полиција како дел од најавата на Груевски за деосороизација.