20 МИНУТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:88:"НапатотконЕУнесмеешдамислишсосвојаглава

    1. Си седи една згодна новинарка во редакција и ѝ ѕвони телефонот. Се јавува шефот. И ветува награда и ја убедува да не пишува за некој фабрикант, оти тоа не би било добро за никого. Таа пркосно го одбива шефот и продолжува да го пишува текстот. Дали го објавува – не знаеме. Оти спотот нема завршница.
    Ова е сценарио на еден од спотовите што на почетокот на 2009 година се вртеа на телевизиите. Рекламната кампања беше нарачана од Владата. Слоганот на кампањата беше “На патот кон ЕУ тргни од себе”. Со овој спот, Владата на Груевски ги поттикнуваше новинарите да се борат за слободата на говорот.
    Пет години подоцна и по пет препораки за почеток на преговори за членство во ЕУ, премиерот Груевски, преку интервју за државната агенција МИА, ни соопшти дека “приказната со слободата не медиумите е еден надуен балон, во недостиг на една силна и креативна опозиција која ќе се бори на реални теми и основи, а не на надуени теми”.
    Пред пет години, кога беше емитуван овој спот, слатко се смеев како Владата да ми раскажала виц. И се двоумев дали премиерот е наивен и мисли дека во реалноста е исто како на спотот, или, пак, по тогаш веќе две и пол години на власт, заборавил како му било додека бил опозиција и почнал да го губи контактот со реалноста.
    Пет години подоцна, веќе немам дилема. Премиерот воопшто не е наивен и има контакт со реалноста. И тоа како. И таква изјава дал затоа што, едноставно – му се може. Сите што ќе се обидат да спорат со неговото тврдење за слободата на медиумите се непријатели, одработувачи на партиска агенда на опозицијата, платеници, фрустрирани отпадници што немаат смисла за државниот интерес… Најблага квалификација за критичарите е дека се контролирани од СДСМ. Оти, нели, сетики мораш од некого да бидеш контролиран. Како тоа да не си под контрола? Ако не си под наша контрола, тогаш мора да си контролиран од другите.
    На патот кон ЕУ не смееш да мислиш со своја глава.

    2. Премиерот се пожали дека кога во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, медиумите не и биле наклонети. Вистина е. Медиумите тогаш не и беа идеално наклонети на опозицијата, но за грешките на власта се пишуваше, и тоа многу критично и многу остро. Тоа го знае и Груевски, кој тогаш беше лидер на опозиција. И знае колку медиумите помогнаа да се смени перцепцијата за власта, ама и за опозицијата. И вистина е дека на почетокот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ медиумите не и беа идеално наклонети. Далеку од она како што се сега.
    Ама ниту една власт до 2006 година критикувањето кон неа не го сфаќала како да си непријател на државата. А сега тоа е одговор на секоја критикување на власта. И како што напредуваме на патот кон ЕУ, одговорот на власта кон критиките е сè пожесток и побрутален.

    3. Што ако сега има многу национални и локални телевизии, радија и портали и дневни весници, што за премиерот е доказ дека има слобода на говорот во Македонија. Па сите тие портали и телевизии објавуваат еден ист текст, издиктиран од Центарот за комуникации, па се цитираат едни со други дека го објавиле текстот. Тоа ли е различно мислење? Бројот на медиумите сам по себе не значи ништо. Прашањето е што објавуваат тие медиуми. Каква порака испраќаат? Што откриваат? Кој ја прима таа порака? Дали таа порака нешто им значи на луѓето? Што добива заедницата од постоењето на тие медиуми? Колку нивното постоење е релевантно? Дали се коректив на власта или се пропагандно средство? Дали му служат на јавниот интерес или го задушуваат?
    Еве да го прифатиме и тврдењето дека меѓународните институции кои го мерат рејтингот на слободата на говорот се измамени од непријателите што им даваат погрешни податоци. Дека тоа што за шест години сме паднале од 34-то на 123-то место е масло на предавниците кои ја кодошат Македонија во странство, оти не знаат што е државен интерес. Еве, прифаќаме и дека Бранко е крив за сè, а Заев е аболиран криминалец и незрел политичар.
    Ама не може да е прифатливо дека на патот кон ЕУ е дозволено да има само една вистина. Не може да е прифатливо дека ако мислиш поинаку и ако тоа го кажеш јавно, треба да се плашиш за работното место, за платата, или пак, скраја да е, дека нешто многу лошо може да ти се случи…Притоа, оркестрирана хајка од слободните медиуми е нешто со кое најбезболно ќе поминеш.

    4. Јас верувам дека Груевски не се јавува по медиуми со нарачки што да се пишува, а што не смее да се пишува. Еве, мене никогаш ми се нема јавено. Ама има такви што се јавуваат. Дали во негово име, дали во име на партијата, дали во име на Македонија, или пак во свое име, не знам, ама се јавуваат.
    И тоа станува правило. Не само во медиумите. Секаде. Во име на власта, а божем за државен интерес, се јавуваат и за инспекции, и за закани со повлекување реклами, и за судење, и за вработување, и за чистење контејнери, и за спортски натпревари, и за запишување во школо, и за фестивали, и за избори на убавица. Сите се повикуваат на некого од власта, на некого од партијата, на некој што му е школски другар… А богами како што половина држава е вработена во јавна администрација, и не е толку тешко притисокот да успее.
    Некаде на половина пат кон ЕУ, во јули 2012 година во редакцијата имавме комично продолжение на поучниот спот од 2009 година, спомнат на почетокот на овој текст.
    Ми се јавија гласници од партијата и вознемирено ми соопштија дека во штабот забележале застранување на весникот и “не сте објавиле ништо за кружниот тек”. Јас немав поим за каков кружен тек станува збор, ама, си велам, толку ли е важен тој кружен тек, па дури и за него мора да има партиска реакција. Па уште и добронамерно ме предупредија дека во партијата “веќе никој не може да ги убеди дека необјавувањето на информацијата за кружниот тек не е по налог на Бранко”. Добро. И тоа сме го чуле, ама слушајте го сега ова: не само што е по налог на Бранко туку јас сум убедувал и колеги од други медиуми да не објавуваат ништо за кружниот тек.
    Нејсе. Го примив притисокот по опис на работно место и ја прашав уредничката на Скопска рубрика кој е тој кружен тек кој на власта толку многу и значи, а ние не сме го објавиле, а богами ни на вести на МТВ, а ни на Курир немаше ништо. И се фрливме ние во истражувачко новинарство. И по обемна истрага и сеопфатно чешлање на цело Скопје, на крајот на денот дојдовме до заклучок.
    Не било Кружен тек. Било Јужен тек.
    Уште малку подалеку на патот кон ЕУ, некаде на почетокот на оваа година работејќи на една тема, за која претпоставувавме дека ќе имаме проблеми да ја објавиме, решивме да тестираме за колку време ќе стигне реакција, откако ќе го поставиме прашањето во релевантна владина институција. Не чекавме долго. По дваесет минути, наместо одговор на поставеното прашање, добивме добронамерна сугестија дека ако пишуваме за таа тема, тоа не би било добро за никого. Како во поучниот спот со згодната новинарка што тргнала на патот кон ЕУ во далечната 2009 година.
    Е толку му требаше на балонот да се надуе. Само 20 минути.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари