БАРОК ФАКТОР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:154:"ДедоМразизјави:"Оваагодинаеуфоријатаезаникаде".Негледамакедонскителевизии

    goran-mihailovski 1. Само злобни луѓе и без чувство за државен интерес можат да кажат дека новите градби низ центарот на Скопје се лажен барок. Не е лажен. Вистински е. Кога веќе се враќаме во барок нека биде како што треба. Оригинал. Во барокот немало струја. Изгледа затоа и новите канделабри личат на старите градски фенери. Кога ќе снема струја ќе можат лесно да се прилагодат на газија. А и мразот по улиците и патиштата полесно ќе се дроби под коњските копита. За Нова година делови од државата шест дена живееја барокно. На свеќи и на фенери. Тие граѓани иако несвесни за својот импакт што ќе го имаат кон анализата за тоа колку време му треба на обично македонско семејство да се прилагоди кон чист барок, ја имаа привилегијата да ги фати невреме и да бидат дел од пилот- проектот на ЕВН и ЕЛЕМ за комплетно враќање во иднината. Видовме дека повеќето брзо се прилагодија. Иако имаше и такви чии умови останале заробени во 21 век и не успеаја да ги прифатат предизвиците на новото време. Не и` прилега на преродената Македонија само зградите на МЕПСО и на ЕВН во Скопје да блеснат во барокен сјај како од пред три-четири века, а луѓето во југозападна Македонија да уживаат во струјата што им ја донел Тито во средината на мрачниот 20 век.

    2. Најголема штета што ја претрпеа граѓаните што немаа струја беше тоа што не можеа да го гледаат новогодишното обраќање на премиерот Груевски. Да се надеваме дека до Стара нова година ќе продолжат да го репризираат на сите телевизии. И дека до тогаш можеби ќе добијат струја.

    3. Оние што немаа струја не можеа да ја слушнат и веста објавена на МТВ од истражувањето на Галуп според која 54 отсто од Македонците во 2014 година се чувствувале среќни. И дека за оваа година 33 отсто биле оптимисти дека ќе бидат уште посреќни. Ова е добар импакт фактор за нацијата, ама можеби не и за Владата. Која во период на најголема среќа на граѓаните решила да се огради. Распишан е тендер за ограда во вредност од 690.000 евра. За толку пари сигурно ќе биде голема оградата. Голема среќа – голема ограда. Така новата Бела куќа на Владата ќе добие екстериторијалност. Владата ќе се огради од државата. Во времето на Ангел Чемерски, Милан Панчевски, Јаков Лазарески истата зграда немаше ограда. Ништо чудно. Таа власт беше режим.

    4. На 31 декември на вести на телевизија фатив изјава на некој Дедо Мраз од центарот на Скопје. Замислете Дедо Мраз рече буквално вака: “Оваа година еуфоријата е за никаде”. Како бе Дедо Мраз? Гледаш ли ти нормални вести? Или и тебе Сорос те плаќа, а СДСМ те искористува како оние студенти што се против знаењето и професори без импакт фактор? Па ми текна. Дедо Мраз на 31 декември има многу работа, па нема време да гледа телевизија како нас. Инаку сигурно немаше да му одмине главната вест дека Брзата помош за време на празниците ќе работи 24 часа. И не само таа. Туку и болниците ќе работеле. Ти ли бе Дедо Мраз ќе ми кажеш дека еуфоријата била за никаде. Па има ли посреќна држава од оваа библиска Македонија во која, не само што Брзата помош не затвора, туку дури и сонцето изгрева 365 пати во годината?

    5. Немало еуфорија? Како да не. Ја гледав новогодишната програма на МТВ: Осветлена триумфална порта. Пред портата голема бина. Околу бината заштитна ограда. На бината се менуваат пејачи. Долу малку публика што чека да се загрее атмосферата. Чекаш, чекаш да почне митингот. А митингот никако не почнува.
    Стотина метри понатаму други луѓе, друга бина, други пејачи. Демек “Град во градот”.
    И градот и “градот во градот” се пофалија дека прославите им биле спектакуларни.
    А меѓу двете бини осамена елка. И коњаник во ноќта. Загледан во просјаците што бараат милостина од минувачите. Минувачите заталкани во лавиринтот од тараби на плоштадот. Спектакуларно изгубени меѓу двете прослави.

    6. На осми јануари законот за високо образование ќе оди на второ читање во Собранието. Спикерот Трајко Вељаноски даде цели три дена за јавна дебата по првото читање. На 31 декември, на 2 јануари и на 5 јануари.
    Еве и мој скромен придонес кон широката јавната дебата за поддршка на знаењето. Законот е премногу либерален. Затоа што бара од професорите во рок од пет години да објават барем по два труда во научни магазини со импакт фактор. Предлагам уште построги критериуми. На секои 10 години професорите треба да добијат по една Нобелова награда. Или да учествуваат во тим што ќе добие Нобелова награда. Ако не добијат професорите ќе се казнат со по 1.000 евра глоба за неспособност. Следствено на тоа, деканите ќе се казнуваат со по 3.000 евра. А ректорите на Универзитетите ќе одат во затвор од една до три години.
    И така ќе се решат сите проблеми врзани со квалитетот на високото образование. Особено финансиските. Шест илјади професори, по 1.000 евра, ете ти 6 милиони евра. Плус деканите нешто ситно ќе придонесат. И ете ти пари за затвор за ректорите. Може ќе нема автономија на универзитетот. Ама ќе има универзитетска самоодржливост.

    7 Кабловските оператори ич нека не ги враќаат странските канали што ни ги забрани цензорското тело. Нека воведат уште некој српски. Оти овие македонскиве што ги имаме, малку српска програма имаат.
    Стварно малку српска програма имаат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари