БЕЛИЗЕ И ОХРИД

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:99:"НаСДСМуштенемуверувам.АманаВМРОнемузаборавам.

    1. На кого му кажуваат од ВМРО-ДПМНЕ дека тие биле за слобода на информирање и за демократија? На новинарите ли им кажуваат? Па новинарите да не не знаат со кого си имаат работа последниве седум-осум години? Тие што ги примаат нарачките да не не знаат од каде им стигнуваат? Тие што одбиваат да ги исполнат нарачките да не не знаат што ги чека? Нас ли, новинарите, н убедуваат какви демократи се? Ај на Ванхауте нека му продаваат демократија. Човекот е нов, можеби ќе им купи.
    Па дури и денеска кога владејачката партија се обидува нападно да ни манифестира апсолутна демократија, редовно се случува потполно исти текстови и коментари да се појават во исто време на три-четири национални телевизии и едно десетина портали. Уредниците сосема спонтано дошле до иста идеја, да развијат иста тема со истите зборови и со исти соговорници во нивните вести. Па дури и запирките им се на исто место во коментарите. А богами и граматичките грешки. Човек, ако е малку наивен, ќе помисли дека од исто место им ги испраќаат вестите.
    Во некакви сечени, монтирани и лепени материјали што ги пушташе опозицијата во форма на прислушувани телефонски разговори слушнавме дека некој правел куртон вести. Оти од 12 прилози седум биле нарачка од партијата. Па слушнавме како високи функционери си нарачуваат кој новинар да им покрие настан. Па слушнавме и дека општинските комитети предлагале кадри за МТВ. Слушнавме и како се нарачуваа прилози во колку саат и во кои вести да одат. Зарем тоа не е демократија?

    2. Башка, не мораше ни да слушаме како се третираат медиумите во туѓи телефонски разговори. Па ние ги живееме тие телефонски разговори. Божем денеска паднавме од Марс во своите редакции и не знаеме како н третираат, па сега Илија Димовски ќе ни раскажува приказни за европски стандарди во новинарството. А Груевски бара предложениот закон да бил европски, а не хибриден. Оти таков закон немало во Европа. Па во Европа нема ни куртон вести. Па што?
    Од тоа што ВМРО-ДПМНЕ толку ја бранеше слободата на медиуми сите овие години, затоа сега цел свет ни дојде дома да ни ја процени штетата. Да видат како може да н спасат од нехибридната демократија. Од тоа што многу ја почитуваат слободата на изразување, сега Ванхауте ќе ни пишува закон за медиуми. Од тоа што Груевски од позиција на премиер на партиски митинзи ги повикуваше луѓето да не им веруваат на некои медиуми, па потоа и ги затвори, дојдовме до дереџе сега и Заев од позиција на опозиција да прогласува медиуми за политички непријатели. Стандардот на однесување кон медиумите е поставен. А јавниот интерес запоставен.
    Власта како експерт за поделби во општеството, откако н подели по сите линии сега се обидува да ја направи најапсурдната поделба. Да се прашуваме: Кој фашизам е пострашен? ВМРО-вскиот наспроти СДСМ-вскиот?
    Тие не престануваат да спружуваат по насловни страници, а н убедуваат дека “сите сме исти”. Е па не сме. На СДСМ уште не му верувам. Ама на ВМРО не му заборавам.

    3. Зошто СДСМ инсистираше да се формира собраниска анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, кога самите изгласаа седниците да можат да бидат и тајни? Прислушуваните разговори ги слушавме јавно, а сослушувањата на сведоците во Собранието ќе бидат тајни. Проектот “Вистината за Македонија” на Заев ќе има маестрална завршница. Јавноста нема да ја дознае вистината.
    Стварно, зошто седниците на анкетната комисија да бидат тајни? Зошто да не го слушаме Груевски како одговара на прашања на пратениците како дојде до најголемата политичка криза што ја стресе Македонија од 2001 година до денеска? Како ќе ја дознаеме “вистината за Македонија” ако нема директен пренос на Собранискиот канал? Зошто пак с мора да остане помеѓу двете партии? Не сакам да дознавам. Сакам да знам. Не сакам да гледам новинарски прилози кои ќе се повикуваат на партиски брифери. Демек дознаваме… На едните ќе им раскаже Илија Димовски, на другите Роберт Поповски. Тие ќе ни кажат што се зборело, а ние треба да им веруваме.
    Ние ги биравме пратениците. Ние им даваме плата. Ние ја плаќаме таа анкетна комисија. Ние го плаќаме Собранискиот канал. И сакаме да знаеме дали биле  прислушувани 20.000 граѓани.
    Меѓу прислушуваните сум и јас. И јас сум носител на папка со транскрипти од мои разговори кои сведочат за нехибридната демократија на власта. И јас сакам да знам зошто Македонија е во криза. И јас сакам да знам кој наредил прислушување и зошто и мене ме прислушувале. И сакам да знам дали уште ме прислушуваат. И ако не престанале, до кога мислат да ме прислушуваат.

    4. Што е толку страшно за сведочењето на премиерот Груевски да се прогласи за тајно? Па поранешната државна секретарка на САД Хилари Клинтон сведочеше пред Конгресот и пред цела американска јавност за евентуалните пропусти на американската дипломатија кога им отепаа амбасадор и тројца службеници во два напади во Бенгази, Либија. Одговараше на прашања на конгресмените цели 11 часа и нејзиното сослушување одеше на телевизија. Дури и ние го гледавме. Уште се врти на Интернет.
    Зошто Американците нејзиното сведочење го отвориле за јавност, а ВМРО и СДСМ се договорија сведочењето на Груевски и другите да биде тајно? Изгледа дека сведочењето на Клинтон не било толку чувствително за американската безбедност, како што за нашата безбедност би биле плацовите на Водно, израелската донација, кинеските проценти, изборните списоци, Индијанците во Парламентот, “мерцедесот” од 600.000 евра со телевизорчиња, списочето за судии…
    Во некои земји со хибридна демократија јавноста смета дека треба да знае што правеле функционерите со нивните пари. Јавноста бара да знае и не се откажува од тоа право. А нас тука уште н влечат за уши како на гласање. Гревчиња, како што би се изразил еден од сведоците во анкетната комисија.

    5. Владата одлучи да ги покачи субвенциите за носење странски туристи од 25 на 65 евра. На списокот на субвенционирани туристи се и граѓаните на Малезија и на Јужна Кореја. Ќе го чекаме првиот налет на Малезијци и Корејци, па кога ним ќе им помине меракот, ќе се ослободат туристички капацитети и за туристите од Белизе и Сен Винсент и Гренадини. Оти тие се веќе субвенционирани. Нашите пари се веќе таму.
    Белизе го оствари сонот на Охрид. Парите од Македонија им стигнаа, а туристите не им дојдоа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари