ЧЕСНО ЕМ ПОШТЕНО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:73:"ЗаТијанапотфрлијагласачитеодПустец

    1. Кон крајот на февруари годинава, само што ДУИ побара предвремени парламентарни избори, а ВМРО-ДПМНЕ сè уште не се беше изјаснила дали ќе го прифати повикот на владиниот партнер, американскиот амбасадор Пол Волерс изјави дека “ова е возбудливо време за Македонија”.
    Баш ми е жал дека на амбасадорот Волерс летово му завршува мандатот. Па нема со нас да ги споделува возбудливите моменти.
    Е па не сакам веќе да живеам во возбудливо време. Сакам да ми биде здодевно. И колку и да е животот непредвидлив, белки постои нешто што може да се испланира однапред. Па макар и одмор. Би сакал да ни се случува нешто што не е историско, нешто што не е драматично, доволно скандалозно… Нешто обично да ни се случеше…
    Да му се невиди. Сè нешто многу важно ни ја одредува судбината на државата. И сè нешто ние чекаме да ни се случи. Еве сега ќе чекаме дали Али Ахмети ќе го признае Ѓорге Иванов за претседател. Па после ќе чекаме како ќе заврши конгресот на СДСМ. Па после ќе ги чекаме изборите во земјите на ЕУ за Европскиот парламент. Па после ќе ја чекаме новата Влада во Брисел. Па после ќе го чекаме Филе или некој нов комесар Филе да дојде да го враќа СДСМ во Собрание. Па после ќе чекаме да се имплементира некој нов септемвриски договор од 2014. Со кој ќе се имплементира мартовскиот договор од 2013. За да се расчистат декемвриските настани од 2012. Па после доаѓа Самитот на НАТО во Велика Британија. Каде што ќе чекаме да нè примат како ФИРОМ оти ќе се распадне Украина. Демек од стратешки причини. Така раскажуваат експертите на вести по телевизиите. А тие тоа сериозно го кажуваат.И во октомври здрави живи ќе го дочекаме извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ. И ќе добиеме препорака од Комисијата за почеток на преговори за членство. И ќе чекаме Грција и Бугарија да ни стават вето. А можеби и некој друг.

    2. Во сета неизвесност има една работа што е извесна. На 31 декември на полноќ ќе дојде Нова година. Ќе споиме со Божик, малку да одмориме од возбудата. Во меѓувреме ќе има светско првенство во фудбал, кое, исто така, е извесно. А и плажата кај јужниот сосед е сосема извесна. Што да правиш, блиску е.
    Па така релаксирани, со нови сили може да направиме и нови избори. Зошто па да не? А што друго би правеле ако не правиме избори?

    3. Бранко пак прдна во лифт. И пак ги остави неговите да се луфтираат. А лифтот заглавен. И сега неговите се расправаат кој со кого се видел или не се видел, кој што кажал, а не требало да каже, кој што сакал да каже, кој се извинил… На три дена пред уште еден од многуте историски конгреси на СДСМ, бившиот лидер со една изјава ги закопа и Стево Пендаровски сосе неговите 400.000 гласови и Зоран Заев сосе цело ново раководство и несудените пратеници. Одличен тајминг на стариот добар Бранко некого да зафркне . Зошто? Е затоа. Е така. За ќеф. Оти е државник.
    Додуша Заев е навежбан на мангуплаците на Бранко. Прв пат го зафркна кога го аболираше. Така што ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе пишува соопштенија и контрасоопштенија за наводните осум милиони за “Глобал” наспроти наводните милион и пол за Македонска банка. Вториот пат беше кога го стави в.д. претседател на партијата, колку да има кој да му ја чува фотелјата додека не му помине мандатот како шеф на државата. Е сега ова е трета среќа за Заев. А дали ќе биде среќа, ќе видиме на конгресот утре.
    Утре Доњецк оди на референдум за отцепување од Украина. А СДСМ има конгрес за отцепување од Бранко. Тоа се двата најважни настани. Кој ќе го отвори вентилот за гас во Украина. А во Македонија кој ќе ги одглави лифтот за да се излуфтира.
    Значи, 11 мај ќе остане запаметен во историјата како ден во кој можеби ќе се наруши балансот на силите во светот.

    4. Ова што сега се случува со толку посакуваниот шеесет и втор пратеник што би $ се придружил на ВМРО-ДПМНЕ е чиста пазарна економија. Лидерот на ГРОМ Стевче Јакимовски се пофали дека единствениот нивни пратеник ќе биде златна акција во Парламентот. И веднаш ја пушти акцијата да флуктуира на Берзата. Па сега имаме потреси меѓу малцинските акционери пред затворањето на Берзата. Демек, местото му било ветено на Драгиша Милетиќ кој е втор на листата, а првиот Чедомир Саздовски требало да му го отстапи местото. Зошто? Затоа што Милетиќ на Стевчо му го дал печатот на неговата Српска напредна странка за да се кандидира за градоначалник на Карпош, кога се раздружи со СДСМ. Му помогнал. Му се нашол кога му бил најпотребен. И сега време е Стевче да си го врати долгот. Ем чесно ем поштено.
    Значи да резимираме. Потрошивме над 8 милиони евра да правиме избори што не ни требаа, ама ајде сега… Кој воопшто се сеќава на тоа. Отидовме да гласаме, мастилово уште расте сосе ноктите, заокружувавме некои имиња носители на листи и верувавме дека тие кои ги гласаме се баш тие што ќе станат пратеници. Е па сме биле наивни.
    Уште не сме го сфатиле вистинското значење на изреката “Политиката е курва”. Следниот пат покрај имињата на листите, кандидатите нека си стават и цена. Како во каталог за бордел. И кој колку попуст дава.
    Ете зошто од политичката сцена во Македонија ги снема малите партии што се карактеристични за големите демократии. Малите партии ги изеде големата лакомост.
    И после ќе ни пишуваат соопштенија дека требало да се врати довербата во демократскиот процес.

    5. Тијана не влезе во финалето на Евросонг. Требаше да се гласа со СМС-пораки. Ама ние што живееме во Македонија немавме право да гласаме за нашиот претставник. Тоа требаше некој однадвор да го стори за нас.
    Потфрлија гласачите од Пустец.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари