ЧУДЕН ЕСАП

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:201:"СреќаштокосовскатаминистеркаКрусариодбиТВ-дуелсоПешевски.Инакуќеи`паднешерејтинготвоМакедонија.

1 Посредникот во спорот за името Метју Нимиц конечно ги разбра ставовите на Грција, па дојде и кај нас. За да ги разбере и македонските ставови, премиерот Груевски го однесе на фудбал. На стадионот “Филип Втори” каде што на натпреварот со Шкотска сите навиваа: “Ма-ке-до-нијааа, Ма-ке-до-нијааа…”.
Бидејќи името што го предложила Грција е “Република Горна Македонија”, Нимиц требало да нe разбере и нас. Како на меѓународен натпревар кој се игра дома, да навиваш со име ерга омнес? Оние од северната трибина треба да викнат “Го-ррр-на”, а од јужна трибина да се надоврзат со “Ма-ке-до-нијааа…”. Или “Ја-вии се Го-ррр-наа!”. Ама ако оние од северната трибина згрешат и викнат “Ја-вии се дол-наа”, може пак да има проблем со Грција.
Е па по фудбалот, се надевам дека сега медијаторот Нимиц, конечно, ги сфатил и македон-ските ставови.
2 Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски го немаше во јавноста по-долго време. И одеднаш се случи трговската војна со Косово, и тој се истакна со маестрална идеја. Ја повика на ТВ-дуел вицепремиерката на Косово Мимоза Крусари Лила. Па откако таа го одби, даде соопштение дека го одбила.
Од каде му е храброста на Пешевски воопшто да спомене ТВ-дуел? До пред некој ден мислев дека тој збор е табу. Седум години, сто избори поминавме, ама ТВ-дуел не видовме. Освен новинари и експерти што се караат меѓу себе, друг ТВ-дуел не сме имале. Што е ова? Пресврт во политиката на ВМРО-ДПМНЕ? Нова стратегија?
И што ќе постигнеше Пешевски со ТВ-дуелот среде изборната кампања во Косово? Демек, народот да види кој е во право? После тоа на референдум да не треба да излегуваме. И – што со тоа? Пешевски ќе се кандидира на изборите во Косово? Ќе одиме ние таму да гласаме за него? Или ќе гласаме против Крусари? Таа мудро одби дуел. Среќа нејзина. Инаку ќе и` паднеше рејтингот во Македонија.
Косовската министерка си направила некаков есап. Ама ние што есап направивме? Изгубив-ме милиони евра од блокираниот бизнис, ама затоа од секој косовски граѓанин што сакал да дојде во Македонија да потроши пари наплативме по две евра на граница. Па во буџетот влегле 16.000 евра. Повеќе ќе наплатевме ДДВ од парталчињата што косовските дами ги купуваат по трговските центри низ Скопје и Тетово. Чуден е есапот на Владата.
На крајот на денот, ако страда бизнисот, баш ми е гајле кој кого ќе надзбори во ТВ -дуелот. Не е сe во зборувањето и во рекламата. Рејтингот се крева и со дела.
3 Среде ноќ излегуваат стотици полицајци со полна боева опрема, заобиколуваат едно паркче во центарот на Скопје и така опремени почнуваат да го чистат теренот за градба на зграда каде што, според новиот закон за медиуми, ќе се смести идниот врховен цензор. Така подготвени собраа едно десетина деца во полициска станица и се фатија за работа. Влечеа шаторски крила, столови и чадори, и ги чистеа семките, сe во рамките на законските овластувања за една полициска акција среде ноќ.
Чуден е есапот на Владата. Колку кирии поради кои, нели, се гради зграда за Советот за радиодифузија се потрошија таа ноќ за полицајците и за борните коли да расчистат терен за багерите? За што државата им плаќала обука на тие полицајци? За што им ја троши снагата среде ноќ? За да бркаат комшилук. И да ги спроведуваа комшиите до полициска станица за да платат казна за плукање.
Ај парите, туку вредеше ли тој срам за државата за плац на кој одвај може да се смести една јавна чешмичка и неколку клупи? Па на поголем простор од тој се прават јавни клозети. А овие баш тука решиле да фрлат седум ката на јавен објект. Ќе има ли таму место за лифт? Ќе има рампи за инвалиди? Ќе влегува, ќе излегува ли некој од таа зграда, ќе се движат ли по скали цензорите, како ќе излезат на улица, ќе има ли место да ги спасат ако има пожар? Прозорците ќе им бидат на 10 сантиметри од комшиските. Па така и ќе им поминува времето. Ќе гледаат во комшиските телевизори дали ги гледаат владините реклами. И дали постапуваат според нив.
4 Министерството за труд и социјала има нова програма, според која од септември до но-ември социјалните работници ќе мора секоја среда да излегуваат од канцелариите и да одат на терен по селата.
А во понеделник не треба излегуваат? А во вторник? А што правеа досега? Тие седеа во канцеларија и селата доаѓаа кај нив? Зошто само во среда? За среќа? За да најдат повеќе социјални случаи во еден ден.
5 Поради големиот интерес, годинава манифестацијата “Појадок на мост” наместо само на Камениот мост во Скопје, ќе се одржи и на новиот мост Око. За да појадуваат на мостовите, заинтересираните треба да си подигнат бесплатен билет.
Ете зошто наместо на еден, манифестацијата ќе се одржува на два моста. Затоа што е зго-лемена потребата за бесплатен оброк. Во секој случај, тие што ќе јадат на Камениот мост ќе бидат привилегирани. Ним ќе им биде попријатно. На оние од новиот мост озгора ќе им ѕиркаат скулптурите и ќе им ги бројат залаците.
6 Јавниот сервис МРТВ е мој омилен извор на информации. Секогаш ми го крева оптимиз-мот. Многу се израдував кога ја чув оваа најава: “Македонските аеродроми на листата на најфреквентните во Европа. Европскиот авиосообраќај во пад, македонскиот во подем”.
Еееј, во Европа. Не тука, на Балканот. Туку сме влегле на листата на најфреквентните во Европа. Си реков, ај да им го фатам сеирот на овие што им паѓа, за да видам за колку им паѓа сообраќајот. За да ги споредам нашите рекордни 131.000 патници во август на Скопскиот и на Охридскиот аеродром заедно. И го најдов следново. Сплит имал 344.000 патници во август. Дубровник 293.00. Тиват имал 203.000 во август. За Приштина последниот податок е за јули кога имале 198.000. Може за август им паднал, па го кријат податокот. Франкфурт, Хитроу и Амстердам не ги проверував. Знам дека е криза во Европа.
Баш убаво што јавниот сервис сака да шири оптимизам.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира