ГЛУПАВИ ПРИЧИНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:63:"Когаќепреврне,штоќеобјавуваме?

    1.   Во изјава за државната агенција МИА, пренесена и на вестите во јавниот сервис МТВ, извесен господин Арне Бјонберг, претседател на организацијата “Куќа на здравјето на потрошувачите”, препорача сите европски и светски земји да го следат македонскиот пример за здравствени реформи. Како што јави МИА, на списокот на таа организација Македонија направила историски напредок на европскиот здравствен потрошувачки индекс (што и да значи таа формулација), па од 28. место се искачила на 16. место во Европа.
    Боже, боже…Само искачувања во оваа земја.
    Бјонберг го рече и ова: “Бев активен во продажба на решенија за здравствениот систем на ИМБ пред 20 години, и чекав толку години за да видам некој да направи нешто. Но поради глупави причини никој не го стори тоа, додека Македонија не го направи во 2013 година. Најимпресивно е дека го направивте, бидејќи она што го прави системот е да го елиминира времето на чекање во здравствениот систем. Никој друг нема ништо слично на она што го има Македонија во здравствениот систем”.
    Се обидов неговата изјава и извештајот на МИА за напредокот во здравствениот потрошувачки индекс да ги преведам. Тоа звучи вака: Продавачот на стоката го фали купувачот што му ја купил неговата стока, за која 20 години не се нашол никој паметен да му ја купи. И вика дека се глупави сите што не ја купиле таа 20 години непродадена стока.
    Само едно не ми е јасно. Дали продавачот сам ја најде Македонија или Македонија го најде него? Како се случи тој среќен визионерски спој што го дигна индексот на државата?
    Јас, пак, си мислев дека животно правило е оти во кафеана што е празна не треба да влегуваш. Сигурно нешто не чини.

    2.   Го молам министерот Никола Тодоров да престане со креативноста. Од неговите идеи ќе останеме без лекари. Додека тој шета по болници и лови кој спие, кој пуши и кој порано си оди од работа, оние малку лекари што останаа во земјава интензивно учат германски. А оние што допрва ќе завршат, почнаа да учат и норвешки.
    А системот со заменски лекари, од некои глупави причини, никој во светот уште не го применува.

    3.   Кои се оние родители што даваат изјави по разни телевизии и што се жалат дека децата не учеле, и бараат веднаш да прекине штрајкот на наставниците? Па нели нема штрајк во образованието? Нели наставата нормално се одвива. Дури и екстерното за матурантите помина вообичаено и без проблеми. Ако не веруваат, нека свртат канал и нека гледаат вести на Македонската телевизија. Којзнае, можеби на колегите што ги прават вестите на јавниот сервис децата им учат во школи каде што нема штрајк.
    Затоа, не ми е јасно кои се тие злобници што велат дека ќе се одработува во сабота. Како може да се одработува нешто што е сработено? Зошто да се одработува, кога штрајкот уште пред две недели “уште пред да почне, доживеа дебакл”. Башка и “воспитно-образовниот процес тече нормално”.
    Настрана што никој не рече дека ќе се одработува за деновите кога децата не одеа на настава, оти во некои училишта немаше нафта за греење, а ќе се одработува за штрајк што го нема.

    4.  Летоска властите беа изненадени од поројните летни дождови. После спремно ги чекаа со вреќи песок, ама дождовите не дојдоа. Потоа првиот снег ги изненади. Логично е. Заврна рано, околу Нова година. После му се остреа на вториот снег, ама тој не дојде. И пред десет дена, со ништо непредизвикан, наместо снег, заврна уште еден дожд, и дојдоа поплави.
    Затоа за викендов се подготвуваме на сите фронтови. Над Македонија ќе се плеснат циклоните Давид и Милијана. Не за џабе сме лидери во регионот. Секаде по еден циклон удира, а во Македонија два.
    Штабот заседаваше. Министерот Миле Јанакиески на телевизија строго ги подели задачите. Еве четврти ден по сите медиуми само за тоа се зборува. Ќе врне дожд, а може и снег.
    Добро де. Ќе врне, ќе врне… И после? Кога ќе преврне, што ќе објавуваме?

    5.   Што и` се навртија толку на Силвана Бонева? Баш ми е жал за пратеничката. Наплатила 23 илјади евра за патни трошоци, не разбрав за 14 месеци ли било, за една година ли било, па станови имала во Скопје, па светски патник толку не трошел, па жичарница до Струмица поевтино ќе чинела… Како тоа сите што се надвор од Скопје земале, ама само таа излезе кабает. Ете, колегата пратеник Драган Цуклев од Гевгелија зел 25.000 евра за патни трошоци. А Гевгелија е поблиску од Струмица. Зошто само на Бонева мајтап и` играат? Затоа што живее подалеку од повеќето? И мора подолго да биде на пат? Дури и сите белешки за патарини ги собирала. Па што? Патарини ли да не плаќа? Законодавката да го крши законот? Башка, што е за право, таа е една од поактивните пратенички. Ма тоа овие од Скопје и` го имаат смислено од завист, оти тие немаат патни трошоци. Се мачат, само од плата живеат.
    Кога ќе пресметаш, излегува дека Бонева патувала секој втор ден. И тоа не малку. Со саати. Сега сфаќам зошто сите закони во Собранието пратениците ги носат по брза постапка. Мораат брзо да гласаат. Оти другото време го поминуваат на пат.

    6.   Поради неплатени придонеси од 24.000 долари Македонија го изгуби правото на глас во Обединетите нации. Тоа не е некоја голема трагедија оти ние гласот и дома го имаме изгубено. Ама малку е непријатно. Сепак сме некои лидери. А во групата неплаќачи сме со Коморски Острови, Гренада, Гвинеја Бисао, Киргистан, Либерија, Руанда,со Сао Томе и Принципе, Сомалија, Тонга, Вануату, Јемен и со Маршалските Острови. Кои сигурно се со многу понизок раст на здравствениот потрошувачки индекс.
    Не е до парите. До навиките за неплаќање е.

    7.   Во центарот на Скопје, на плоштадот Филип Втори ќе има уште еден државен карусел, во народот познат како вртелешка. Ќе чини 195.000 евра.
    Колку години права на глас во ОН можат да се купат за тие пари? И колку патни трошоци можат да се покријат за Силвана Бонева и за нејзиното патувачко-гласачко друштво од Парламентот? Особено што Силвана барем оди од Струмица до Скопје. А каруселот се врти во круг.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари